КУД „Пере Тошев“ од Прилеп единствен претставник од Македонија на меѓународниот фестивал во Паралија – македонската култура претставена пред меѓународна публика

Хорот при КУД „Пере Тошев“ од Прилеп, под диригентство на Софија Рибароска, успешно ја претстави Македонија на меѓународниот фестивал во Паралија, Грција, кој се одржа од 18 до 22 јуни во организација на MIOFF.

Прилепското културно-уметничко друштво беше единствениот претставник од Македонија на фестивалот, каде преку својата музичка изведба ја донесе автентичноста на македонската песна, традиција и културно наследство пред бројна меѓународна публика.

Настапот на хорот претставува уште една потврда за посветената работа на КУД „Пере Тошев“, кое со години е препознатлив носител и афирматор на македонската култура. Преку своите активности, настапи и учества на фестивали во земјата и странство, друштвото континуирано ја промовира богатата македонска фолклорна традиција и вредностите кои се пренесуваат низ генерациите.

Учеството на овој престижен меѓународен настан е значајно признание за членовите на друштвото, кои со љубов, ентузијазам и посветеност продолжуваат да го чуваат и презентираат македонскиот културен идентитет.

Со својот настап во Паралија, КУД „Пере Тошев“ уште еднаш покажа дека македонската песна и традиција имаат свое место на меѓународната културна сцена.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.