Крушево е подготвено за јубилејното, 10-то издание на меѓународниот FIS Rollerski Cup „Тоше Проески“, кој годинава ќе се одржи на 22 и 23 август, во организација на Скијачката федерација на Македонија.
Купот и оваа година ќе ги собере љубителите на нордиските дисциплини и натпреварувачи од повеќе земји, а спортската програма ќе биде проследена со дружење, натпреварувачки дух и промоција на спортските вредности.
Церемонијалното отворање е предвидено во петок пред спомен-куќата на македонската музичка легенда Тоше Проески, по кого традиционално го носи името оваа спортска манифестација.
Натпреварите ќе се одржуваат во повеќе категории и на различни должини. Во машка конкуренција предвидени се трки на 7,5 и 10 километри, додека жените ќе се натпреваруваат на 5 и 7,5 километри. Посебен дел од програмата е предвиден и за најмладите учесници во категориите У8, У10, У12 и У14.
Завршницата на купот е закажана за недела, 23 август, кога на Градскиот плоштад во Крушево ќе се одржат свеченото доделување на наградите и официјалното затворање на манифестацијата.
FIS Rollerski Cup „Тоше Проески“ претставува значаен спортски настан кој, покрај промоцијата на нордиските спортови, придонесува и за афирмација на Крушево како атрактивна дестинација за спортски туризам и активности на отворено.
Поддржувачи на настанот се Министерството за спорт, УНИБанка, Меѓународната скијачка федерација (FIS) и Општина Крушево, додека технички организатори се клубовите Скии Рис и Ски Нордиски.
Крушево уште еднаш ќе биде во знакот на спортот, а јубилејното издание на купот се очекува да донесе уште една атрактивна спортска приказна посветена на нордиските дисциплини и на споменот на Тоше Проески.
























