Крушево повторно центар на планинскиот велосипедизам – успешно одржано второто издание на „Krushevo MTB Challenge“ (Фото галерија)

Крушево викендов пулсираше во знакот на планинскиот велосипедизам, спортскиот дух и природата. Успешно се одржа второто издание на „Krushevo MTB Challenge“, настан кој годинава воедно беше и Државно првенство во маратон на Велосипедската федерација на Македонија.

На стартот застанаа 45 учесници од земјава и регионот, кои се натпреваруваа во повеќе категории на две предизвикувачки патеки – мал маратон од 23 километри и голем маратон од 69 километри низ крушевската корија, уживајќи во уникатните планински предели и природните убавини кои ги нуди градот.

Градоначалникот на Крушево, Нико Чонески, им ги додели медалите на најуспешните учесници и истакна дека е чест да се биде дел од настан исполнет со спортска енергија, натпреварувачки дух и позитивна атмосфера.

„Krushevo MTB Challenge го потврди потенцијалот на Крушево како дестинација за планински велосипедизам, спорт и активен туризам. МТБ дисциплината не е лесна, но токму предизвикот ја прави посебна – секој кој ја завршува патеката е победник“, порачаа организаторите.

Особена чест за настанот беше домаќинството на Државното првенство во маратон на ВФМ, каде беа прогласени новите национални шампиони. Клубски успех остварија и домашните претставници, со три освоени титули државни прваци во различни категории:

🥇 Дуња Иванова – сениорки
🥇 Горан Кузмановски – сениори
🥇 Љубиша Кондев – мастерс

Победа забележа и Димитар Јованоски во категоријата хоби.

Организаторите упатија благодарност до сите учесници, волонтери, поддржувачи и партнери кои придонесоа настанот да биде реализиран успешно и професионално.

Со второто издание на „Krushevo MTB Challenge“, Крушево уште еднаш потврди дека има огромен потенцијал за развој на планинскиот велосипедизам и спортскиот туризам, продолжувајќи да ја гради својата приказна како град на спортот, природата и активниот начин на живот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.