Развојот на спортско-рекреативните содржини и туристичката инфраструктура останува еден од приоритетите на Општина Крушево, со конкретни проекти и утврдена динамика за нивна реализација.
Како што информира градоначалникот на Општина Крушево, Нико Чонески, на 24 август 2026 година, во Центарот за параглајдинг во Крушево, пред претставници на Европската Унија, Светската воздухопловна федерација (FAI), Министерството за локална самоуправа и други институции, беше презентирана првата фаза од проектот за новото полетувалиште „Црн Врв“.
Новото полетувалиште е изградено согласно изменетиот урбанистички план и основниот проект, а претставува значаен инфраструктурен чекор за унапредување на условите за параглајдинг и развој на авантуристичкиот туризам во Крушево.
Паралелно со оваа инвестиција, во тек е и уредувањето на локалитетот Гумење, согласно склучените договори со изведувачот и надзорниот орган.
Дополнително, потпишани се договори со проектантски бироа за изработка на техничка документација за понатамошно уредување и поставување урбана опрема во дел од спортско-рекреативниот комплекс Гумење. Документацијата се очекува да биде завршена до крајот на ноември годинава, по што во 2027 година е планирано да започне и фазата на изведба.
Со овие активности, Општина Крушево продолжува со вложувања во туристичката и спортско-рекреативната инфраструктура, со цел создавање подобри услови за посетителите, спортистите и сите љубители на активниот туризам.






























