Традицијата која трае повеќе од 15 години продолжува и ова лето – во хрватскиот град Омиш повторно се одржува престижниот камп за ракометни голмани, а меѓу избраните тренери е и македонскиот стручњак од Прилеп, Ице Соколески.
Тренерот на голмани во Еурофарм Пелистер и дел од стручниот штаб на кадетската репрезентација на Македонија, по четврти пат во низа е дел од тренерскиот тим на кампот, каде заедно со имиња како Марин Шего, Дино Шпиранец, Харис Поробиќ и останатите, своето знаење ќе го пренесува на младите чувари на мрежата.
Од 22 до 28 јуни, Соколески ќе работи со голмани од целиот свет, споделувајќи ги своите искуства, техники и голмански „тајни“ со новата генерација ракометни таленти.
Кампот во Омиш традиционално собира врвни голмански имиња, а оваа година меѓу демонстраторите се голманите на најсилните европски клубови – Матеј Мандиќ, Виктор Гисли Халгримсон, Урх Кастелиц, Игнасио Биоска, Карим Хендави, Доминик Кузмановиќ…
Македонскиот тренер уште еднаш ја потврдува својата позиција меѓу признатите голмански стручњаци во регионот и Европа.

























