Историски ден за прилепската болница: За првпат изведени лапароскопски гинеколошки операции!

Значаен исчекор во унапредувањето на здравствените услуги во Прилеп. За првпат во историјата на прилепската болница започна со изведување лапароскопски гинеколошки операции, со што на пациентките од Прилеп и поширокиот пелагониски регион им се овозможува пристап до современи оперативни методи, без потреба од упатување во Скопје или други градови.

Овој важен чекор се реализира со стручна поддршка од д-р Павловски, специјалист гинеколог, и медицинскиот техничар Андреј Ефтимовски од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, заедно со лекарите специјалисти од Одделението за гинекологија и акушерство при прилепската болница.

Интервенциите се изведуваат со современ апарат за лапарохистероскопија од реномираниот бренд „Erbe“, кој болницата го набавила со сопствени средства.

Станува збор за минимално инвазивна хируршка метода, која за разлика од класичните оперативни зафати со поголеми резови, се изведува преку неколку мали отвори од само неколку милиметри. Тоа носи бројни придобивки за пациентките, меѓу кои помала постоперативна болка, помали лузни, намален ризик од инфекции и крварење, пократок болнички престој и побрзо закрепнување.

Според информациите од болницата, пациентките по ваквите интервенции, вообичаено, можат да бидат пуштени на домашно лекување за околу два дена, со што значително се скратува времето поминато во болнички услови.

Особено значајно е што воведувањето на оваа современа метода ќе ги поштеди пациентките и нивните семејства од дополнителни патни и финансиски трошоци, како и од стресот поврзан со лекување во други здравствени центри.

Започнувањето со лапароскопски гинеколошки операции претставува уште еден важен чекор во модернизацијата на прилепската болница, вложувањето во современа медицинска опрема и подигнувањето на квалитетот на здравствените услуги што им се достапни на граѓаните во сопствениот град.

Од болницата упатија благодарност до медицинскиот тим од Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, како и до целиот тим на прилепското Одделение за гинекологија и акушерство, за стручноста, соработката и посветеноста при реализацијата на овој значаен чекор.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.