Исклучително ретка фотографија: Како изгледал прилепскиот духовен бисер пред 117 години

На Фејсбук страната од манастирот “Пресвета Богородица – Трескавец”, oбјавена е фотографија како изгледало духовното светилиште на прилепчани пред 117 години во далечната 1902.

Манастирот за многу брзо време треба да ги добие возобновените конаци кои изгореа во пожар во 2013 година.

Реставрацијата започна во 2014 година, а манастирот во 2013 доби и асфалтиран пат, на задоволство на илјадниците верници кои годишно го посетуваат светилиштето.

Комплексот го сочинуваат црквата Успение на Пресвета Богородица, опожарените манастирски конаци, кои се во последна фаза од реставрација, трпезарија со магерницата, магерничкиот конак и влезната порта со кула – камбанарија.

Првиот христијански храм кај Трескавец датирал од VI век, а во XIV век манастирот бил на удар на разурнувачи. За неполни 100 години бил обновен и му била вратена автентичноста со нови религиски орнаменти, специфични за тој период. Но духовното светилиште Трескавец било погодено и од огнена стихија во 19 век и во 90 години на минатиот век, како и во 2013 година кога изгореа конаците.

Денешната црква е еднокорабна градба со тристрана апсида на источната страна. Страничните ѕидови се расчленети со по два пиластри кои преку лаци го прифаќаат централното кубе. На западната страна е наосот.

За убавините на Трескавец репортажа пред години направи и британската телевизија BBC, а на овој предел се снимаа и повеќето македонски играни филмови.

Според една легенда султанијата Кала-Мара, која била една од жените на турскиот султан Мурат II, застанала да се причести во манастирот на пат кон вилаетот во Мариово. Владиката не ги отворил портите и не дозволил причест за султанијата, оти живеела во брак со некрстениот султан. Кала – Мара се налутила и им наредила на 500 војници да го урнат манастрирот и да ги заколат сите монаси.

Според некои сознанија биле 300, а други извори велат дека 700 монаси завршиле по ножевите на збеснатиот аскер. Само владиката бил оставен жив за да раскажува за настанот. Некои историчари толкуваат дека султанијата од преданието била ќерка на српскиот деспот од бракот со неговата втора жена Ирена Кантакузина. Кала-Мара била родена во 1417 година и се омажила за султанот во 1435 година во Едрене.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.