Извонреден успех! Гимназијалец од Прилеп освои злато и сребро на Олимпијада по геонауки во Торино

Злато и сребро за нашиот Никола Здравески на Олимпијадата во Торино!

Во периодот од 20 до 27 август во Торино, Италија, се одржа XIX Меѓународна олимпијада по геонауки 2026 (IESO 2026)

На олимпијадата во македонскиот тим натпреварувачи беше и гимназијалецот од Прилеп, Никола Здравески, кој постигна извонреден успех.

Никола освои златен и сребрен медал!

Златниот медал го освои во категоријата „Earth System Project (ESP)“ (Истражување на системот на Земјата во меѓународни тимови), а сребрен медал во категоријата „International Field Team Investigation (IFTI)“ (Теренско истражување во меѓународни тимови).

До ова големо меѓународно признание Никола стигна по претходно освоеното трето место на Државниот натпревар по географија, учеството на Европското првенство и високиот пласман на селекциониот натпревар.

Училишен ментор на Никола му е професорката по географија Александра Ристеска.

Ова е веќе втор ваков голем успех на ученик од прилепската гимназија. Во 2024 година, на тогашната Олимпијада по геонауки, ученичката Ивана Атанасоска во Пекинг, Кина, освои два бронзени медала.

Честитки и едно големо БРАВО за нашиот гимназијалец Никола Здравески кој ја искачи Македонија, нашиот град и Гимназијата „Мирче Ацев“ на светскиот врв по геонауки.

На олимпијадата во Торино, во силна конкуренција се натпреваруваа 160 средношколци од 40 држави. Натпреварувањето беше на англиски јазик.

Македонскиот национален тим постигна брилијантен резултат враќајќи се со дури девет медали во различни категории.
Покрај Никола, огромен успех покажаа и останатите учесници во тимот. Стефанија Димовска од СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ од Битола освои еден златен и еден бронзен медал, Трајче Шатков од СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ од Кавадарци се закити со три бронзени медали, додека Борче Кузманоски од СОУ „Цар Самоил“ од Ресен освои два бронзени медали.

Македонската делегација на олимпијадата беше предводена од искусните ментори д-р Горан Китевски, вонреден професор на Институтот за географија при ПМФ и претседател на Македонското географско друштво и д-р Ивица Милевски, редовен професор на Институтот за географија при ПМФ.

Огромно браво за сите талентирани натпреварувачи и нивните посветени ментори за овој историски успех.

Со овој успех уште еднаш се докажа дека Гимназија „Мирче Ацев“ од Прилеп е вистински расадник на успешни ученици и идни интелектуалци и дека професорите умеат да ги препознаат и развијат талентот и вистинските животни вредности кај младите.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.