Прилепскиот фризер и стилист Дарко Костадиноски, од фризерското студио „Ema Place“, се закити со златен медал на престижниот регионален натпревар за фризери и стилисти „Eco Luxury and Sustainable Glam“, кој се одржа во Белград.
Костадиноски, заедно со професионалниот фризер и стилист Влатко Арсовски од Скопје, беа единствените претставници од Македонија на овој регионален настан, кој собра професионалци од повеќе балкански земји.
На натпреварот учествуваа фризери и стилисти од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија, презентирајќи ги своите техники, креативност и современи пристапи во фризерството и стилизирањето.
Признанието за македонските претставници не изостана. Дарко Костадиноски го освои златниот медал во категоријата „Total Look“, дисциплина во која целокупниот изглед се гради како една стилска целина, од фризурата и шминката, до облеката и модните додатоци.
Со својот настап Костадиноски креираше целосен изглед во кој различните елементи беа усогласени во препознатлив и заокружен стил, оставајќи силен впечаток на регионалниот натпревар.
Учеството во Белград беше можност за македонските професионалци да бидат дел од регионална сцена на која се презентираат нови техники, актуелни трендови и креативни концепти во современото фризерство и стилизирање.
Зад настапот на Дарко стои и неговата деловна партнерка Емилија Костадиноска, со која заедно го развиваат прилепското фризерско студио „Ema Place“.
За Костадиноски, златниот медал во Белград претставува уште едно значајно меѓународно искуство, но и признание за неговата долгогодишна посветеност на професијата, креативноста и современиот пристап кон фризерството и стилот.































