Нови, надежни ветришта започнуваат да дуваат за враќањето на функционалноста и сјајот на двете прилепски спортски сали, Универзалната и „Македонија“, кои со децении чмаат празни во својата тажна запоставеност. Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески и новиот министер за спорт, Борко Ристовски веќе одржаа средба на која конкретно е разговарано за постоечката спортска инфраструктура во еден од некогаш најспортските градови дури и во бивша Југославија – објави “АЛФА ТВ”.
„Со голем оптимизам очекуваме дека преку новоформираното Министерство за спорт, ќе успееме заеднички да најдеме начин и да пуштиме во употреба барем една од овие две сали во најскоро време, кои за жал, во овој мимент се нефункционални за нашите спортски клубови и спортисти, иако многу пати реагиравме и до претходната централна власт. Наша заедничка цел е да ги подобриме условите и да го вратиме достоинството и успесите на прилепските спортисти“, напиша градоначалникот Борче Јовчески на социјалните мрежи.
Овие две спортски сали, со години се рак-рана на прилепчани, а особено на спортската јавност, заради што речиси редовно беа и предмет на политички и партиски ветувања, но и препукувања, особено Спортската сала „Македонија“. Најсвежото беше од 2017, кога тогашниот кандидат за градоначалник од СДСМ, а потоа и градоначалник на Прилеп, Илија Јованоски, вети целосна реконструкција на оваа спртска сала и нејзино прераснување во модерен Спортско-рекреативен центар, што не се случи, па така ова импозантно здание и ден-денес нестрпливо чека на реконструкцијата.
Во средината на 90-тите години оваа сала беше опожарена до темел. По неколку години, односно до 2000-та година беше и обновена, но оттогаш наваму таа сепак остана да зјае празна и запуштена, бидејќи и по повеќе од две децении – нема технички прием.
Инаку, Спортската сала „Македонија“ е во надлежност ЈП за стопанисување со спортски објекти, а додека Универзалната сала која УЈП му ја одзеде на Тутнскиот комбинат, е во надлежност на ЈП АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор.
Интересно е тоа што спортската сала “Македонија” била изградена за само 9 месеци во 1978 година, додека пак Универзалната сала била завршена за рекорни 100 дена во 1973година.
Каролина Дурло