Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Ивица Ангеловски, денеска оствари работна посета на неколку откупни пунктови во Прилеп, каде што откупот на ориенталниот тутун се одвива согласно договорената динамика.
Во изминатите два дена се откупени околу 160 тони тутун, а откупот продолжува и во наредниот период, со очекување процесот да се одвива непречено и во согласност со утврдените услови и договори.
Државниот инспекторат за земјоделство, во рамките на своите надлежности, ќе продолжи со вршење инспекциски надзори и контроли на откупот, со цел да се обезбеди законитост, транспарентност и заштита на правата и интересите на тутунопроизводителите.
-Тутунопроизводството има особено значење за македонското земјоделство, економијата и егзистенцијата на голем број земјоделски семејства. Затоа институционалната поддршка, редовните контроли и почитувањето на договорените обврски се од суштинско значење за успешно одвивање на откупот и за одржување на довербата меѓу производителите и откупувачите, стои во соопштението од ДИЗ.
Државниот инспекторат за земјоделство останува посветен на својата улога во обезбедувањето законски, организиран и фер процес на откуп, во интерес на земјоделците и развојот на домашното тутунопроизводство.



























