Девојка од Прилеп е вистинска инспирација и ја следат илјадници на социјалните мрежи: Интервју со Ксенија Деспотоска

Ксенија Деспотоска е млада девојка од Прилеп која е вистински магнет на социјалните мрежи. Нејзиниот профил на Инстаграм го следат безмалку 18.500 корисници, а таму има што да видат. Се работи за инспиративна девојка која преку фотографии ќе ве научи многу за модата и за тоа како се комбинира одлична фотографија со убав и тренди изглед. Не останавме рамнодушни и ја поканивме на разговор, а таа љубезно ни одговори на сите наши прашања. Интервјуто проследете го во продолжение.

1. Здраво Ксенија, кажи ни нешто повеќе за тебе, твоето образование, интереси и што го окупира твоето секојдневние?

– Здраво, на кратко нешто за мене, моментално се занимавам со блогерство на инстаграм и работам во маркетинг агенција. Имам завршено средно образование во “СОУ. Ристе Ристески Ричко” Прилеп, смер Графички техничар. Додека пак на факултет продолжив во Скопје на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер и останати ми се уште неколку испити, кои искрено поради премногу обврски немам време да ги полагам, но секако тоа е мојата прва љубов така да ќе се потрудам за скоро и тоа да биде завршено. Моето секојдневие е окупирано со доста обврски и тоа работа, работа, работа…. Хаха.

2. Вистинска реткост е во Македонија да се има Инстаграм профил со толку многу следбеници. Како успеа да го изградиш својот профил и да привлечеш внимание од толку голема публика? Што според тебе ги поттикнува луѓето да те следат и позитивно да одговараат на твоите објави?

– Се се случуваше многу спонтано, едноставно луѓето ја препознаваат искреноста и љубовта кон работата. Единствено нешто што јас правев, беше тоа што го сакав тоа што го правам, го правев со многу љубов, креативност, вложував доста време и бев многу трпелива. Полека, но сигурно одев напред. Не беше секогаш лесно, но едноставно не се откажав во никој случај. А за тоа што ги поттикнува луѓето да ме следат мислам дека тоа е позитивноста на мојот профил и модата секако. Гледам се што правам да биде позитивно и едноставно и таква сум и јас, сакам да се смеам да бидам весела и тоа и го прикажувам на мојот профил, исто така искреноста, секогаш гледам да сум реална и искрена кон тие што ме следат, а и достапна до сите што им требам за нешто.

3. Како добиваш инспирација за една добра фотографија, дали тоа според тебе е вроден талент кој го поседуваш?

– Па за добра фотографија некогаш инспирација добивам од некоја слика што ќе ја видам на инстаграм, но некогаш едноставно ме инспирира некое место, некоја комбинација и сл. Така да некогаш сама си иди инспирацијата во моментот. Но сепак мислам дека има нешто и во талент кој го поседувам. Уште од мала сум сакала да се фотографирам, а и мајками од секогаш ме дотерувала и некако тоа се пренело на мене и ете денес и со тоа се занимавам. Но секој што го работи ова треба да е доста креативен.

4. Имаш ли некои посебни локации кои ти се најпривлечни за убава фотографија?

– Најпривлечна локација за фотографирање ми е дефинитивно Охрид. Таму буквално секој агол е толку фотогеничен што можеш да направиш 1000 различни фотографии. Исто така секој град си има по некоја локација која е убава за фотографија, на пример во Прилеп една од најубавите локации ми околу саатот и на црвениот мост. Секој град си има по некое магично место.

5. Колку треба да се биде посветен и колку време во денот е потребно за успешно некој да се занимава со оваа професија или хоби?

– Искрено премногу време е потребно, иако сите што гледат од страна мислат, па што ќе се фотографира и ќе објави… Ама позади тоа не е така воопшто. Секој што ме познава и што видел како изгледа едно фотографирање, едно спремање, што поминал еден ден со мене, може да види колку е напорно. Особено кога работиш плус full time job и ова како втора работа. Мене во денот понекогаш ми се малку 24 часа за да стигнам се да направам. Посветеност треба максимална, ова е исто како да отвориш своја фирма. Но едноставно кога го правиш тоа што го сакаш колку и да е напорно на крајот од денот си легнуваш испонет и задоволен.

6. Дали постои можност за добро да се заработи од ваков ангажман кај нас и колку компаниите се подготвени, односно дали вложуваат во овој вид маркетинг?

-Во последно време може да се пофалиме со добра заработка. Се повеќе и повеќе компаниите вложуваат во овој вид на маркетинг, така што баш ми е мило што конечно се развива ова и кај нас. Но од друга страна има сеуште и од тие што не ја разбираат нашата работа и не ја ценат.

7.Што е позитивно, а што негативно да се биде инфлуенсер во Македонија?

– Па мислам дека има повеќе позитивни од негативни страни. Како позитивни ќе ги вбројам тоа што се запознаваме и комуницираме со доста луѓе, заработуваме, имаме привилегии за некои работи, луѓето не препознаваат, веруваат во нас и тоа ни дава најголема мотивација. Но од друга страна, немаме многу слободно време, исто така и немаме многу приватност, тоа што сето ова го правиме јавно знае понекогаш да биде осудувано и негативно коментирано. Но секоја работа си има две страни па така и оваа, но битно е се да е балансирано.

8. Од кого имаш најголема поддршка во тоа што го правиш?

– Најголемата поддршка од почетокот па се до ден денес ја имам од моите родители кои секогаш веруваат во мене и се секогаш тука за што и да ми треба помош. Често дури и тие повеќе се грижат ако не објавам слика, па мајка ми знае да ми пиши: “Објави слика”, ако тој ден не сум објавила, или “Те нема на стори деновиве, ништо не објавуваш” хаха. Мене ова доста ми е симпатично и знам дека има некој што се грижи за мене. Исто така тие ме фотографираат ми помагаат при некои одлуки и сл. Освен нив секако имам голема поддршка од мои блиски луѓе, соработници, колеги и сл.

9.Имаш ли некоја крајна цел која би сакала да ја постигнеш со овој вид ангажман?

– Па единствена цел што ја имам е да одам напред и секое утре да бидам поуспешна, подобра, позрела, попаметна од денес, но секогаш да си останам таа што сум во подобрена верзија. Исто така да се до мене сите што ги сакам . Еден ден да си ги остварам сите мои соништа кои би си ги задржала за мене сега, но кога ќе ги остварам некогаш, секако ќе ги видите хаха.

10. Имаат ли корисниците на социјалните мрежи култура кај нас, дали добиваш непристојни предлози и пораки?

– Може да се пофалам дека повеќето од тие што ме следат имаат култура, но, секако има доста што воопшто ја немаат. А тоа е многу жално… Најчесто тоа се изреволтирани луѓе, не знам поради која причина и некои кои воопшто не ме сакаат, а ме следат и само чекаат да направам некоја грешка и да пишуваат за тоа. Некогаш тоа се мали деца и баш ќе споделам една порака што длабоко ме допре, не мене ами тоа како младите денес се полни со омраза и злоба. Ми напиша еден лажен профил на девојче: “Зошто не направиш туторијал како се самоубиваш?”. Јас не знам ама никогаш не сум била воспитувана да мислам лошо на некого, а особено не да му пишам и да му посакам такво нешто, ама денес на децата се му е сервирано да гледаат и што треба, а и што не треба и тоа доведува до ваков резултат. Затоа и родителите треба да гледаат понекогаш што им прават децата на телефоните…

11. Дали би ја напуштила државата и со ваков ангажман да се занимаваш во странство?

– Не, јас сум човек што сака тука да живее и не би сакала никаде на друго место. Сакам да шетам, но секогаш да си се враќам дома. Но, никогаш не вели никогаш, не можеме да знаеме што не чека во животот…

12. Имаш ли твоја дестинација од соништата која сакаш да ја посетиш?

– Да, Париз дефинитивно ми е дестинација од соништата, што сакам да ја посетам и се надевам дека тоа ќе биде во скоро време.

13. Добар шопинг или патување?

– Хммм…. Па и едното и другото хаха. Но, кога добро ќе размислам патување, затоа што облеката ќе ја носиш, ќе се искини и ќе ја фрлиш, ама спомените од патувањето никогаш нема да исчезнат.

14. Какви други хобија има Ксенија и дали имаш некое омилено катче каде го трошиш слободното време?

– Ксенија има доста хобија и сите се поврзани со креативност. Обожавам да пеам, да готвам, да си го уредувам просторот. Омилено катче ми е дома и кога имам слободно време би сакала да го потрошам таму, со луѓето кои ги сакам.

15. Твоја порака до сите девојки и момци кои сакаат да станат инфлуенсери

– Мојата порака што скоро секогаш ја кажувам е прво да се пронајдат, да бидат сигурни дали е тоа, тоа што го сакаат, да бидат спремни на се што следи и позитино и негативно, да не се откажуваат, ако нешто се сака, се може да се оствари, да бидат трпеливи, креативни и да се трудат.

Kсенија можете да ја следите на нејзините профили на Фејсбук и Инстаграм


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.