Прилеп во сабота ќе биде во знакот на велосипедизмот! На 12 септември ќе се одржи велосипедската трка „Трофеј Прилеп“, во организација на Велосипедскиот клуб „Херој“ од Прилеп и Велосипедската федерација на Македонија.
На трката ќе учествуваат велосипедисти во повеќе категории – Сениори, Јуниори, Кадети, Мастерс, Жени, У-15, У-13 и ХОБИ, па на свое место ќе се најдат и искусните натпреварувачи и оние кои велосипедизмот го практикуваат рекреативно.
Трасата е кружна, со старт на Булевар „Гоце Делчев“ кај споменикот Александар III Македонски, а натпреварувачите ќе возат низ градските улици и повторно ќе се враќаат на стартно-целната позиција.
Во зависност од категоријата, ќе се возат од 5 до 20 круга, односно од 12 до 48 километри.
Пријавувањето трае до 11 септември, а заинтересираните можат да се пријават на [email protected].
За оние кои сакаат да се испробаат во велосипедски натпревар, ХОБИ категоријата е одлична можност. Се возат 15 круга, односно 36 километри, а трката е одлична можност за сите рекреативци и љубители на велосипедизмот кои сакаат да бидат дел од натпреварувачката атмосфера.
Стартовите се во 17:30 часот за У-13, У-15 и Кадети, во 18:15 часот за ХОБИ, а во 19:00 часот за Сениори, Јуниори, Мастерс и Жени.
Организаторите најавуваат спорт, дружење и забава за паметење, а најдобрите тројца во секоја категорија ќе бидат наградени.
Пријавете се, подгответе ги велосипедите и бидете дел од „Трофеј Прилеп“!


























