Градоначалникот викаше да нема гужви, а денеска сами направија: Може ли вака да се прошири вирусот во Прилеп?

Граѓани денеска претпладне до нашата редакција испратија фотографии од поголем број граѓани собрани на едно место во населбата “Tризла” во Прилеп.

Се делеле пакети со прехрамбени продукти и средства за хигиена, без притоа да се почитуваат препораките за оддалеченост на граѓаните и за избегнување на групи поголеми од две лица на едно место.

Маркукуле ја објави оваа сторија и праша “Кој тоа дели пакети во Тризла?”

Дел од акцијата беше и советникот од редовите на СДСМ, Адем Мамудовски.

Неколку часа потоа градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, излезе на прес конференција и истакна дека општината организирала хуманитарна акција, при што биле поделени 330 пакети.

Никој не го спори тоа да се помогнат социјално ранливите семејства, но не вака и не на ваков начин, без почитување на сите препораки и изложување на граѓаните на опасност, особено во овие денови кога бројката на новозаразени со коронавирус во Прилеп секојдневно расте.

Пакетите со хуманитарна помош ќе било далеку подобро и побезбедно доколку на граѓаните им се поделеле пред нивните домови, а не во голема група на едно место.

Самиот градоначалник во текот на вчерашната прес конференција пак, реагираше на огромните колони на граѓани пред филијалите на банките во градот.

“Денеска се соочуваме со застрашувачка глетка на граѓани кои во збиени редови и гужви чекаат пред банките, без да ги почитуваат правилата за заштита од коронавирусот. Мислам дека ваквото невнимавање, може да не’ однесе во далеку непосакуван правец”, истакна Јованоски.

Маркукуле им го честита Меѓународниот ден на Ромите – 8-ми Април, на сите граѓани од ромската популација!


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.