Врбјанска Чука оживеа со магичните ноти на Ратко и Драган Даутовски (Фото галерија)

Археолошкиот локалитет Врбјанска Чука вчера беше претворен во уникатна музичка сцена, каде што посетителите уживаа во настапот на Ратко и Драган Даутовски.

Настанот, кој се одржа во рамки на јубилејното 15. издание на Prilep Jazz Weekend, привлече голем број посетители, а прекрасниот амбиент и музиката создадоа посебна атмосфера на еден од најзначајните неолитски локалитети во Пелагонија.

Со спојот на музиката и културното наследство, Врбјанска Чука уште еднаш покажа дека археолошките локалитети можат да бидат и места за современи културни настани, преку кои нивното значење дополнително се доближува до јавноста.

Градоначалникот на Општина Кривогаштани, Игор Каравилоски, посочи дека ваквите настани се потврда дека музиката и културното наследство можат да одат рака под рака, нагласувајќи ја поддршката на општината за идните активности поврзани со локалитетот.

Screenshot

„Општина Кривогаштани ќе продолжи да ги поддржува активностите за истражување, заштита и промоција на овој уникатен локалитет“, порача Каравилоски.

Концертот на Даутовски беше вовед во официјалната програма на 15. издание на Prilep Jazz Weekend, која ќе се одржи на 1, 2 и 3 октомври во НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.