Во чест на прилепчанката Нина Спирова – Македонскиот КИЦ во Белград потсети на еден од најголемите музички гласови на Балканот (ВИДЕО)

Со музички портрет посветен на една од најголемите македонски интерпретаторки, легендарната прилепчанка Нина Спирова, Македонскиот Културно информативен центар (КИЦ) во Белград започна серија настани посветени на големите музички имиња кои оставиле траен белег на македонската и регионалната сцена.

Настанот „Портрети: Нина Спирова“ се одржа во просториите на КИЦ Белград, каде присутните имаа можност повторно да ги слушнат безвременските песни на уметницата која со својот препознатлив глас обележа цела една епоха.

Нина Спирова (Прилеп, 1938 – Коштуниќи, Србија, 2020) е запаметена како еден од најмаркантните вокали што се појавиле на просторите на поранешна Југославија, а нејзините изведби на „Еден бакнеж“, „Молчи, молчи“, „Ти езеро мое“ и бројни други песни и денес се дел од музичкото наследство.

Нејзините вечни мелодии и староградски песни добија ново музичко руво преку настапот на дуото формирано специјално за оваа пригода – интерпретаторот Александар Стоименовски и професорот Саво Милетиќ на клавијатури.

Со проектот „Портрети“, КИЦ Белград им оддава почит на македонските уметници кои живееле, работеле и стекнале голема популарност во Белград и Србија. Минатата година во рамките на истиот проект беше претставен музички портрет на Зафир Хаџиманов, со учество на Бисера Велетанлиќ и неговиот син Васил.

Нина Спирова останува симбол на македонската забавна и традиционална музика, а нејзиниот глас и денес продолжува да живее преку песните кои ги сакаат генерации слушатели.

Прилеп може да биде горд што ја дал една од најголемите музички легенди на македонската сцена.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.