Во театарот “Војдан Чернодрински” се подготвува претставата за деца “Авантурите на Пинокио”

Во театарот „Војдан Чернодрински“ во тек се подготовките на претставата за деца „Авантурите на Пинокио“, која по фанатастичната книга од Карло Колоди, ја режира Дарко Ковачовски.

Драматизацијата на оваа извонредна авантуристичка пиеса за деца e на режисерот Ковачовски заедно со Надја Василева Ковачовска, која e и автор на сценографијата, костимографијата и креатор на куклите.

-Театарот имаше разбирање за поставување на пиесата на сцената. Многу важно е еден епски материјал напишан во проза да се преведе на јазикот на сцената. Работевме можеби еден месец и пол на драматизацијта и сега нашата замисла се реализира сценски. Се работи за куклено драмска претстава. Имаме една кукла Пинокио и глумците кои ќе ги играат другите улоги – лисицата, мачката, таткото, штурчето…. Пораката што ја носи „Пинокио“ е многу актуелна. Говори за едно дете кое преку своите неуспеси пораснува. За да добиеш срце не е потребно да си дел од големиот свет, туку да имаш сочувство кон другите – вели Ковачовски, најавувајќи дека премиерата ќе биде за краток период..

Во претставата играат Јасмина М. Станкоска, Димитар Црцороски, Андон Јованоски, Наташа Ачански, Александар Тодески, Даниела Иваноска и Катерина Чакмакоска Клинческа.

Претставата е дел од програмата на театарот за 2018 година поддржана од Министерство за култура.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.