Градежните активности во битолско продолжуваат со засилено темпо, а денеска се асфалтира патот што води до црквата во селото Ротино. Реконструкцијата на оваа делница започна минатиот месец, а во моментов механизацијата е на терен и работите се во завршна фаза.
Увид во текот на градежните активности направија претставници и одговорни лица од Општина Битола, кои го следат напредокот на проектот.
Станува збор за пат во должина од 706 метри и ширина од 3 метри, со банкини од двете страни. Претходно беше поставена тампонирана подлога со дебелина од 25 сантиметри, додека асфалтниот слој изнесува 7 сантиметри. Вкупната асфалтирана површина опфаќа 2.119 квадратни метри.
Вредноста на проектот изнесува 5.185.870 денари, а средствата се обезбедени преку Министерството за транспорт, во рамки на вториот владин повик, каде Општина Битола доби одобрување за најголем број проекти.
Со реализацијата на овој зафат, локалната самоуправа продолжува со инвестиции во подобрување на инфраструктурата и условите за живот, особено во руралните средини.



























