ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение остро ги обвини СДСМ, Левица и ДУИ дека намерно го блокираат носењето на новиот Изборен законик, оценувајќи дека главната причина е нивниот пад на рејтингот и стравот од изборен пораз.
Од партијата потсетуваат дека Изборниот законик е дел од Реформската агенда и дека неговата подготовка со месеци се одвивала во работна група, каде што, како што велат, бил граден широк политички консензус.
„Наместо да придонесат за донесување на законот, опозициските партии избрале да го блокираат процесот“, се наведува во соопштението.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Левица одбила да го поддржи договорот, СДСМ поднела околу 10.000 амандмани со образложение дека електронското гласање на дијаспората е недемократско, додека ДУИ барала сите одлуки во Државната изборна комисија да се носат со консензус, а не со мнозинство како досега.
Од владејачката партија оценуваат дека заедничкиот именител кај трите опозициски партии е стравот од изборен неуспех, поради што уште сега создаваат алиби за евентуален изборен дебакл.
ВМРО-ДПМНЕ повторно ја потврди својата подготвеност да го прифати секој разумен предлог од опозицијата, доколку во него биде вклучено решение кое ќе го олесни остварувањето на избирачкото право на македонската дијаспора.
„Ваквото однесување на опозицијата покажува дека партиските интереси се ставени пред интересите на иселениците и пред реформските процеси“, се заклучува во соопштението.
























