Виктор Николоски успешно опериран: “Ви благодарам на сите што ми подадовте рака, се надевам дека еден ден оваа добрина ќе ја вратам на некој друг”

Младиот прилепчанец, Виктор Николоски, кому му беше дијагностициран тумор на главата, успешно е опериран во Турција. 26-годишниот Виктор изминатата недела го обедини Прилеп во хуманост. За неколку денови се собра огромна сума на пари за операција и негово лекување, а сега тој преку социјалните мрежи упати благодарност до сите хумани граѓани и организации.

-Драги пријатели, познати, непознати хумани луѓе и сите што ми подадовте рака во најтешките моменти потребната сума е собрана.
Благодарност до Фондација Павел Андреев Македонија , до Општина Прилеп , до сите граѓани на општина Прилеп кои се заложивте за мене и моето семејство.

Од дното на срцето ви благодарам за вашата несебична поддршка, љубов и дарежливост. Благодарение на вашите донации, мојата операција беше изведена на 30.01.2025, професорот презадоволен од направеното, патологијата мора да ја чекаме некои 2 недели за да знаеме што понатаму и сега сум во процес на опоравување.

Не постојат доволно зборови со кои би можел да ја искажам мојата благодарност. Вашата помош ми даде надеж, сила и верба дека не сум сам во оваа борба. Вие сте доказ дека хуманоста и добрината сè уште постојат, и секој ваш гест значеше неизмерно многу за мене и моето семејство.
Се надевам дека еден ден ќе можам да ја вратам оваа добрина на некој друг кој ќе има потреба, исто како што вие ми помогнавте мене. Нека вашата добрина ви се врати со многу среќа, здравје и љубов.

Со огромна благодарност,

Виктор Николоски




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.