Сите билети за „Виена во Битола“ на Оркестар ДИВА се распродадени. Тринаесеттото издание на новогодишниот концерт, чиј автор и диригент е Владимир Димовски, ќе се одржи на 23 декември во Центарот за култура во Битола. По распродажбата на билетите, публиката веќе се интересира дали ќе има уште една изведба.
Со „Виена во Битола“, Димовски ѝ даде нов формат на новогодишната концертна традиција во градот. Со текот на годините концертот стана дел од празничниот календар на Битола, а во изминатите три години се одржуваа по две изданија годишно.
Битола памети новогодишни оркестарски концерти и од порано, кога ги приредувал професорот Зоран Маневски. Подоцна, Владимир Димовски, Зоран Маневски и Никола Трајановски заедно го возобновија Битолскиот камерен оркестар, денешен Оркестар ДИВА. Тогаш Димовски го врати новогодишниот концерт на битолската сцена со своја авторска замисла и му го даде името „Виена во Битола“. Неговата идеја беше битолската публика да ја доживее свечената атмосфера на виенските новогодишни концерти во својот град, во изведба на својот оркестар. Димовски веќе долги години сам го води оркестарот.
„Ви благодариме, Битола! Веќе 13 години ја споделуваме оваа традиција со вас. Особено ни е драго што „Виена во Битола“, концерт создаден целосно во македонска продукција, и оваа година толку брзо ја исполни салата“, изјавуваат од Оркестар ДИВА.
За можноста за втор концерт, од оркестарот додаваат: „Годинашната програма ја осмисливме во два дела и токму затоа концертот на 23 декември ќе започне во 19:00 часот. Кога планираме уште една изведба, треба да ги земеме предвид и времето на почеток и траењето на целата програма. Затоа сè уште разгледуваме дали има услови за дополнителен термин. Доколку го потврдиме, датумот и деталите за билетите ќе ги објавиме преку нашите официјални канали.“
























