Вака прават во Словенија: За 30 отсто намалени плати на сите владини функционери

Словенечкиот премиер Јанез Јанша објави дека како една од економските мерки за справување со последиците со епидемијата на коронавирусот е и намалување за 30 отсто на платите на сите владини службеници.

Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, ова намалување е привремено и ќе трае само додека во земјата е прогласена епидемија на коронавирусот.

Пред само неколку денови, дел од јавноста и политичките партии остро реагираа по одлуката за зголемување на платата на министрите и и премиерот Јанша, кој според пишувањата во словенечките медиуми ќе зема највисока можна плата од 5200 евра бруто на месец.

На социјалните мрежи веќе се организираше дигитален протест поради владината одлука да си ги зголемат примањата за време на светска пандемија.

Од владата информираа дека не се работело за зголемување туку за порамнување, но и дека било логично некој кога работи двојно повеќе поради епидемијата, да добие и двојно поголема плата.

Инаку, словенечката Влада подготвува ново законско решение за итна финансиска помош на населението и економијата кои трпат последици од коронавирусот.

Сите мерки според најавите ќе бидат презентирани в понеделник.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.