Кога има желба, добра волја и заедничка енергија, промените се можни. Тоа го покажаа ентузијастите од иницијативата „Мој Прилеп“, кои започнаа серија работни акции со симболично име „Џабе работи, џабе не седи“.
Првата акција беше реализирана во дворот и игралиштето на Интернатот „Орде Чопела“, простор кој со години беше запоставен, обраснат со трева и полн со отпад. Наместо само да се зборува за проблемот, овие млади луѓе решија да преземат нешто конкретно.
По иницијатива на Илија Ангелески и неговиот брат, кои први започнале со расчистувањето, им се приклучија и останатите членови на екипата – Васко Биксето Биковски, Илија Бикоски, Јован Даноски, Дарко и Давид Карапеев, кои слободното попладне го искористија за заедничка работа и помош.
Со многу труд, раце и добра енергија, просторот започна повторно да добива изглед. Екипа ангажирана од Интернатот се погрижи за најголемиот дел од капините и обраснатиот терен, а момците од „Мој Прилеп“ помогнаа во расчистувањето, собирањето и средувањето на дворот.
Иако работата не е целосно завршена, најголемиот дел од просторот е среден, отпадот е собран и подготвен за преземање од екипите на Комуналец.
Но, најголемата вредност на оваа акција е што таа ги мотивираше и соседите. Гледајќи го примерот, и тие се вклучија и ги средија своите делови од дворовите – тревата и дрвата кои граничат со просторот.
Ова е уште еден доказ дека позитивната енергија е заразна и дека со малку волја, заедништво и иницијатива можат да се направат големи работи.
„Мој Прилеп“ продолжува со порака дека градот е на сите нас – и дека секој може да придонесе.




























