Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, денеска организираше прием за младата битолчанка Искра Нечаковска, ученичка во гимназијата „Јосип Броз Тито“ – Битола, која освои сребрен медал на Европската олимпијада по физика што се одржа во Шведска.
На средбата присуствуваа и нејзиниот професор и ментор Каранфил Алачев, како и директорката на гимназијата Лидија Споа. Градоначалникот упати честитки за извонредниот успех, истакнувајќи дека достигнувањето на Искра претставува гордост за неа, нејзиното семејство, училиштето, менторот, но и за Битола и Македонија.
„Нејзиниот успех е доказ дека вложениот труд, знаењето и посветеноста носат големи резултати. Ова е пример и инспирација за сите млади кои се стремат кон успех“, беше истакнато на средбата.
Коњановски посочи дека Битола е горда на постигнувањето на младата физичарка, посакувајќи ѝ уште многу успеси во понатамошното образование и научниот развој.
Искра Нечаковска своето образование ќе го продолжи во областа на физиката и математиката, откако е примена на престижен факултет во Париз, Франција, каде ќе студира со целосна стипендија која ќе ги покрие трошоците за целокупното високо образование.
Нејзиниот успех е уште еден пример дека младите таленти од Македонија имаат знаење и потенцијал да се натпреваруваат и да постигнуваат врвни резултати на меѓународна сцена.



























