Општина Прилеп објави јавен повик за ангажирање на 14 лица преку програмата „Општинско-корисна работа“, во рамки на проектот „Во служба на заедницата преку Општинско-корисна работа“.
Предвидениот ангажман е во времетраење од девет месеци, со полно работно време од 40 часа неделно, а избраните кандидати ќе добиваат месечен паричен надоместок од 24.000 денари, во кој се вклучени данокот на личен доход и осигурувањето за повреда при работа или професионална болест.
Станува збор за пет различни работни позиции во јавни установи и сервиси во Прилеп, и тоа:
- Воспитувач/ка во ЈОУДГ „Наша Иднина“ – 2 лица
- Неговател/ка во ЈОУДГ „Наша Иднина“ – 4 лица
- Неговател/ка во Домот за стари лица „Киро Крстески – Платник“ – 5 лица
- Неговател/ка во Дневниот центар за лица со церебрална парализа – 2 лица
- Психолог за поддршка на лица со церебрална парализа – 1 лице
Кандидатите треба да ги исполнуваат условите за соодветната позиција, односно да поседуваат соодветно образование и потребни лиценци, сертификати или уверенија. За позициите воспитувач и психолог е потребно високо образование, додека за негователите условите за образование се разликуваат во зависност од установата и видот на услугата.
Работно искуство не е задолжително, но заинтересираните лица мора да бидат евидентирани како активни баратели на работа во Агенцијата за вработување.
Право на учество имаат сите невработени лица кои се евидентирани во Агенцијата за вработување, а предност ќе имаат кандидатите кои досега не биле вклучени во програмата „Општинско-корисна работа“.
Пријавувањето ќе се врши од 23 до 30 ноември 2026 година, секој работен ден од 08:00 до 14:00 часот, во Центарот за вработување – Прилеп.
Со оваа програма, покрај можноста за работно ангажирање и стекнување нови работни вештини за невработените лица, се овозможува и дополнителна поддршка за децата, старите лица и лицата со попреченост преку услугите на локалните јавни установи.
Целосниот јавен повик, со деталните услови и потребната документација, е објавен на веб-страницата на Општина Прилеп:
ПРОЧИТАЈ ГО ЦЕЛОСНИОТ ЈАВЕН ПОВИК
























