Зад епската приказна која се продава во јавноста како македонска компанија со само 20 вработени успеала да произведе 5 автобуси за извоз во Казахстан се крие сомнеж за огромен скандал. На промоцијата сопственикот Славе Распашковски и премиерот Зоран Заев истакнаа дека Санос приредува изненадување со производството на автобуси и дека првичната пратка е 5, а ќе следува пратка со нови 70 за Казахстан.
Но, изненадувањето е меур од сапуница. Имено проверивме дека вработени во компанијата Друштво за производство, трговија и услуги САНОС има само тројца луѓе, од кои еден службеник и две женски лица, едната ангажирана од 2004-та, а другата во 2005-та година. Упатените укажуваат дека невозможна мисија е со овие тројца да се производи седиште за автобус, а не пак некаков комплетен производ.
Која е најверојатната приказна зад САНОС
За познавачите на ваквите прилики овде постои сомнеж за финансиска малверзација. Имено постои можност дека се работи за разработена мрежа каде компанијата набавува половен автобус и врши репарирање и потоа низ царината ги извезува како нов производ по што прави од државата фиктивен поврат на ДДВ со што се оштетува народниот буџет. Даночните инспекции имаат полни раце работа да утврдат како е можно да се производат 5 автобуси со тројца вработени, дали се купени половни автобуси кои се репарираат како нови и дали постои извоз и дали ќе биде побаран поврат на ДДВ.
Дали САНОС станува втор Кастиљо
Имено, на Македонија и се случи слична афера. Македонецот со мексиканско државјанство, Ангел Кастиљо, сопственик на претпријатието “Неокар”, во 1998 и 1999 година, во неколку наврати зел кредити од СБС Агро банка и како гаранција во владение на банката вложил непостоечки автобуси. Тогаш “банкарите” се обратиле до МВР и поднеле кривична пријава против “Мексиканецот” оти со сигурност знаеле дека фирмата “Неокар” противзаконски продавала автобуси за готови пари. Со злоупотребите и даночното затајување на државата и е причинета штета од околу пет милиони евра. Кастиљо во државава работеше со многу фирми кои им ги отстапи на странски државјани.
Колку работници се потребни за производство на автобуси
Фабриките за производство на автобуси во зависност на производствените линии, автоматизираниот процес и компонентите кои се вградуваат имаат од 200 вработени па до неколку илјади вработени.
Во Македонија е брендот „Ван Хул“. Овој белгиски бренд првите автобуси ги произведе со 430 вработени, а овој број сега е дуплиран.
Фабриката САНОС зјае празна, нема производство
Освен бројка на вработени потребна е инвестиција во машини. Состојбата на САНОС е поприлично лоша. Во 2003/2004 година неа ја купи бизнисменот Славе Распашковски за околу 1,5 милиони евра со цел да го обнови производството на автобуси и да врати на работа поголем број од поранешните работници. Оттогаш имаше неколку безуспешни обиди за рестарт на фабриката.
Непотврдени се информациите дека сопственикот наследените машини од Фас 11 октомври ги продал како за старо железо. Од неколку стотина вработени се намалила на само 3.
Последната понуда за продажба на САНОС била во 2005-та година од Волво, но не била постигната согласност поради превисоката цена која ја побарал управникот Распашковски.
Екипата на Курир денес ја посети фабриката и наместо работа во полн ек, како што најави Распашковски за останатите автобуси кои треба да се извезат, таму имаше мир. Немаше никој во фабриката.
Поранешни вработени на фабриката велат дека во дел од производствените хали се сече железото и се продава од страна на газдите. Никој од фабриката Санос не беше достапен да ги коментира овие наводи и информации и да одговори на нашите прашања.
Извор: Курир