Божји рај во срцето на Мариово

0

Тишина. Нема други звуци од коли, само од нашата. Само ветрот што дува се чувствува додека патуваме, полека кон Мариово. Дестинацијата е манастирот Св. Никола во селото Манастир, оддалечено 50 -тина километри од Прилеп.

1557322_10202283308038323_2218051_o

Полека го врвиме кривулестиот пат, го поминуваме мостот на Црна река и се искачуваме уште неколку километри по угорницата. Вртиме десно и на уште неколку километри, по асфалтен пат, што пред повеќе години го изгради општина Прилеп, стигнуваме до селото Манастир. Никој не не пречекува, оти нема кој. Никој не живее во селото. Повремено во лето има по некој кој доаѓа да се грижи за оставштината, ама зима царува тишината. Трошните мариовски куќи се нем сведок дека некогаш, тука имало живот.

Сега единствениот жител е отец Никола, кој заедно со уште еден искушеник живее во манастирот Св. Никола. Повремено доаѓаат гости, добронамерници или верници кои сакаат да одбележат некој празник. Тука ќе  бидат и за претстојниот Божиќ

1

 

Кога ќе дојдеш до манастирот пред тебе пука преубав предел. Си велиш зошто е празно, кога тука може да се развива селски туризам. Но, нејсе. Животот е таков.

Полека влегуваме во дворот од манастирот. На средината  е црквата, која сведочи за минатото. Лево од неа се новите конаци, кои се изградија со поддршка на Министерството за култура, а кои внатрешно се доуредуваат. Десно малата продавничка за сувенири.

Нормално најпрво влегуваме во црквата, да запалиме свеќа, да се помолиме за здравје, за потоа отец Никола, како добар домаќин, да ни ја раскаже  историјата за манастирот. Тој вели дека црквата, изградена во 13 век, е срцето на монаштвото, кое се возобнови со неговото доаѓање тука. Гордо потенцира дека овој манастир е планирано да стане духовен центар на Мариово.

sam_3120

Дознаваме дека црквата „Св. Никола“ е подигната  во  1095 година, а денешниот изглед го добила во 1266 година. Трикорабна базилика  е и еден од најзначајните споменици на културата од византискиот период кој  содржи извонредни фрески, какви што се „Св. Богородица со ангелите“ и „Св. Никола“. Ваквиот тип сликарство, кој е многу редок, е застапен само во црквата во Курбиново и во „Света Софија“ во Охрид. Во натписот кој се наоѓа на централниот кораб пишува дека  живописувањето е извршено од џаконот Јован, референдер за просветата архиепископија, кој повикал вредни зографи да ја насликаат црквата. Манастирот бил напуштен кон крајот на 19 век, кога замрел монашкиот живот. Последен монах бил дел од групата на руската емиграција и се викал Нестор.

vreden-zivopis Историјата на манастирот, според археолозите се дели на две етапи. Во првата е конституиран монашкиот живот, а во втората од крајот на 14 и почеток на 15 век, манастирот век прераснал во развиен цивилизациски, економски, културен и духовен центар на Мариово.

Видливо е дека со поддршка од Министерството за култура, продолжува конзервацијата и санацијата на фрескоживописот, а претходно беше извршена конструктивна консолидација на темелите на храмот, а имаше и археолошки истражувања.

Црквата од архитектонски аспект и по живопис е монументален споменик. Живописот е византиски и работен е во два периоди. Во апсидалниот дел е  од 11 век, а  поголемиот дел од 13 век. Единствен е по сликарски квалитет, еден од најдобрите живописи од тој временски период. Има композиции со фигури на светители со натприродни големини, што ретко се среќаваат, како и житие на Свети Никола.

p1050621-1

Откако нашата љубопитност е задоволена излегуваме од црквата. Отецот не кани на топол чај, собран летово од преубавата природа околу манастирот. Го продолжуваме разговорот за конаците, за следните планови. Дознаваме дека тука е планирано да има сала за состаноци, во која ќе се реализираат бројни семинари, изложби, но и да се организираат туристички престои. За таа цел  манастирот планира да подготви брошури, да се презентира преку интерент.

Нормално потоа ја посетивме и сувенирницата. Да оставиме нешто за манастирот, но и да понесеме спомени, кои ќе не потсетуваат на убаво поминатиот ден во манастирот Св. Никола, во с. Манастир.

Заминавме од Манастир исполнети со преубави чувства, но и со верба дека следниот пат тука ќе има повеќе живот отколку сега.

 

Каролина Мицевска