Градоначалникот на Крушево, оствари средба со евроамбасадорот Михалис Рокас, при што се разговарало за актуелните проекти, развојните планови и можностите за понатамошна соработка со европските институции.
Како што информира Чонески преку објава на социјалните мрежи, средбата била посветена на европските перспективи на локално ниво и идниот развој на општината.
Во рамки на посетата биле реализирани повеќе активности, меѓу кои и средба со советниците од Советот на Општина Крушево, состанок со претставници од граѓанскиот сектор, како и изјава за медиумите. Дел од агендата била и заедничка средба со невладини организации, на која се разговарало за потребите и предизвиците со кои се соочуваат граѓаните и младите.
Евроамбасадорот Рокас го посетил и ЕУ-проектот на полетиштето за параглајдери во Крушево, кој претставува пример за поддршка на локалниот туризам и развојните иницијативи во општината.
Посетата завршила со отворена дебата со граѓаните, посветена на европските вредности, можностите за развој и иднината на Крушево.
„Продолжуваме посветено да работиме за модерна, развиена и европска општина“, порача градоначалникот Чонески, заблагодарувајќи му се на евроамбасадорот Рокас за посетата, поддршката и интересот за Крушево.





























