Прилеп повторно ќе биде центар на адреналинските спортови со одржувањето на мото настанот „Топташ Родео“, единствен од ваков вид во Македонија, кој годинава ќе се одржи на 9 и 10 мај.
Станува збор за трка во дисциплината хард ендуро – спорт кој во последните години бележи сè поголема популарност низ Европа и Балканот. Организатор на настанот е мото клубот „Хард Ендуро Прилеп“, кој со оваа иницијатива има за цел да придонесе кон развој и промоција на овој екстремен спорт во земјава.
Името „Топташ Родео“ потекнува од локацијата каде што се одржува трката – месноста Топташ во Прилеп, која нуди идеални услови за ваков тип натпреварување.
По успешното деби минатата година, кога на еднодневниот настан учествуваа 32 натпреварувачи и беше забележан голем интерес од публиката, годинава организаторите го подигнуваат нивото. Настанот ќе трае два дена, а пријавени се вкупно 67 натпреварувачи од Македонија и Косово.
Програмата започнува на 9 мај со пролог – специјално подготвен полигон на Топташ, изграден со дозвола од Општина Прилеп. Полигонот содржи 20 хард ендуро препреки поставени на површина од 1.500 метри квадратни, каде натпреварувачите ќе се борат за што подобри времиња и позиционирање.
Главната трка ќе се одржи на 10 мај (недела), кога натпреварувачите, поделени во групи според резултатите од прологот, ќе се соочат со исклучително тешка планинска кружна патека во должина од 3,4 километри. Трката се вози во два круга, а шесте најдобри возачи ќе обезбедат пласман во супер финалето, каде ќе се возат дополнителни два круга за конечен победник.
Организаторите ги покануваат сите љубители на мотоспортот и адреналинските доживувања да присуствуваат на настанот. Влезот е бесплатен, а покрај возбудливата трка, посетителите ќе можат да уживаат во добра храна и музика.
Настанот е поддржан од Општина Прилеп, како и од повеќе локални компании и поединци, меѓу кои Крин КГ, Донти Мото, Кабелнет, Греен Мобиле, Витаминка, Прилепска пивара, ЕМБ масониер, како и Влатко Андреески, кој стои зад промотивните видеа и постери.
„Топташ Родео“ претставува уште еден чекор кон позиционирање на Прилеп како дестинација за спортски и адреналински настани, со надеж дека ваквите иницијативи ќе поттикнат и други клубови низ Македонија да го следат примерот.



























