Во моментите кога огнената стихија сериозно му се заканува на Мариово, помош пристигнува и од Скопје.
Конвој на Противпожарната бригада на Град Скопје тргна кон прилепскиот регион, каде ќе се приклучи во гаснењето на големиот и исклучително ризичен пожар кој веќе подолго време беснее во Мариово.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, помошта е испратена на барање на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
„Кога гори македонска земја, нема граници. Има само една обврска – да бидеме заедно, да си помогнеме и да го заштитиме секој човечки живот, секој дом и секоја педа од нашата татковина“, порача Ѓорѓиевски.
Тој им посака безбеден пат на пожарникарите кои заминуваат директно во огнената зона, со задача да помогнат во заштитата на луѓето, домовите, шумите и населените места.
„Бог да ги чува нашите херои, нивните колеги и сите луѓе кои деновиве се на првата линија во борбата со пожарите низ Македонија“, порача градоначалникот.
Пристигнувањето на дополнителни сили од Скопје е уште еден пример дека во борбата со огнената стихија солидарноста и заедништвото се најважни, особено во моментите кога Мариово се соочува со еден од најсериозните пожари во регионот.




























