Со моќната изведба на „Будење“ во кореографија на Рисимна Рисимкин во која настапуваат 30 танчери на 5-ти мај во 20:00 часот во Народниот театар Битола ќе се затвори 22-то издание на „Танц фест“.
„Будење“ носи силна сценска енергија и колективно искуство што ги поврзува личното и општественото. Претставата ги истражува меѓучовечките односи, стереотипите и динамиката помеѓу индивидуалниот и колективниот идентитет. Претставата се занимава со воспоставените форми на однесување и нивната деконструкција, отворајќи простор за преиспитување на општествените норми и личните позиции во нив. Телото станува медиум преку кој се изразуваат емоции, конфликти и трансформации.
Музиката за претставата ја потпишува Тони Китановски, костимите се дело на Благој Мицевски, а сценскиот дизајн го изработи Матеа Мијановиќ.
Пред претставата ќе биде доделена Специјалната награда „Менада“ за поддршка на развојот на современиот танц на Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.
Уживајте и во свеченото затворање на „Танц фест“ на Скопје танцовиот театар и претставата „Будење“ на Рисима Рисимкин во Народниот театар Битола каде влезот ќе биде бесплатен, а влезниците се подигнуваат од билетарницата.
Влезниците в понеделник можат да се подигнуват од 10:00 до 15:00 часот и од 18:00 до 20:00 часот, а вторник од 8:00 до 15:00 часот и од 18:00 до 20:00 часот.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и Општина Битола.


























