„Снежното кралство“ премиерно во Прилеп – Магична театарска приказна за деца и млади во изведба на танцовото студио „Зодијак“

Љубовта, храброста, пријателството и емпатијата ќе оживеат на сцената во НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, каде што во петок, 13 ноември, со почеток во 19 часот, танцовото студио и портал за современи изведувачки уметности „Зодијак“ премиерно ќе ја изведе новата претстава за деца и млади „Снежното кралство“.

Инспирирана од добро познатата магична приказна, претставата носи низа случки, емоции и пораки кои ги надминуваат генерациските граници. Преку авантурите на сестрите Ана и Елза, најмладата публика ќе има можност да ги открие вистинските вредности на љубовта, пожртвуваноста, храброста и сочувството, но и да научи дека нашите постапки влијаат врз луѓето околу нас.

Публиката ја очекува вистинска сценска магија, исполнета со певливи песни на македонски јазик, разиграни кореографии, впечатливи сценски решенија, колоритни костими и сценографија, кои заедно создаваат незаборавно театарско доживување за децата и младите.

Преводот, драматизацијата и адаптацијата на македонски јазик се на Благојче Николоски, режијата, песните и сценските движења се на Кире Миладиноски, музиката е на Кристоф Бек и Томе Темелкоски, костимографијата на Анѓа Миладиноска, а сценографијата и куклите се дело на Јордан Миладиноски.

Во претставата играат Бисера Гаралоска, Петар Јошески, Марта Шаркоска, Калина Стојаноска, Софија Иваноска, Сара Камческа, Кристина Миноска, Љубица Ангелеска, Лана Спиркоска, Милана Здравеска, Јована Ангелеска, Јана Чучуроска, Сара Иваноска, Исидора Митревска, Анисија Тренеска и Марија Стојаноски.

Продукцијата е поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, во рамките на Националната програма за 2026 година – драмска дејност, како и од Општина Прилеп. Копродуцентски партнер е НУЦК „Марко Цепенков“, матичната сцена на која танцовото студио „Зодијак“ работи веќе 27 години.

Прилепските најмлади љубители на театарот ги очекува средба со една од најубавите приказни за сестринската љубов, храброста и добрината, овојпат раскажана преку македонска сценска изведба.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.