Светнаа фреските во македонскиот духовен бисер – црквата Св.Ѓорѓи во преспанското село Курбиново (ФОТО)

Македонскиот духовен бисер – црквата Св.Ѓорѓи во преспанското село Курбиново, после долги години ќе биде целосно зачувана. Целосно е завршена конзервацијата на фреските внатре во црквата, а сега се работи на надворешните ѕидови.

По посетата на црквата, г-ѓа Флора Карајани од Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун ја истакна успешната соработка со македонските конзерватори и најави продолжување на активностите за заштита на ова значајно културно наследство.

„По успешното завршување на конзервацијата на извонредните фрески во внатрешноста на црквата, започнавме со конзервација на фреските на надворешните фасади на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново. Упатувам искрена благодарност до директорката на НУ „Завод и музеј“ – Битола, Маргарета Спасов, како и до конзерваторите, м-р Оливера Макриевска и м-р Јовица Богоев, за нашата исклучително плодна и креативна соработка, која низ годините прерасна во вистинско пријателство“, изјави Карајани.

Во тек е реализацијата на втората фаза од проектот за конзервација и реставрација на фасадното ѕидно сликарство на црквата „Св. Ѓорѓи“ во село Курбиново, кој е поддржан од Министерството за култура и туризам во рамки на Годишната програма за проекти од национален интерес за 2026 година.

Црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново претставува едно од најзначајните ремек-дела на византиската уметност во Македонија и пошироко, а продолжувањето на конзерваторските активности има особено значење за зачувување на нејзините уникатни фрески и нивно пренесување на идните генерации.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.