Речиси готов затворениот базен во Битола, во Прилеп го чекаме 35 години (ВИДЕО)

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски денеска изврши увид на градежните активности на затворениот базен и изградбата на спортските игралишта во дворот на ОУ „Даме Груев“.

Изјавата на Коњановски во целост ја пренесуваме во продолжение:

„Денеска ќе зборувам за спортот и поддршката на спортските активности, со акцент на училишниот спорт. Сериозно вложуваме во оваа област и ние и Владата на Македонија. Токму тука во дворот на ОУ „Даме Груев“ се реализираат два проекти значајни за учениците и нивните спортски активности. Едниот е затворениот базен, а другиот спортските игралишта или условно речено нов спортски комплекс. Проектот за затворениот базен, во соработка со Министерството за спорт го доведовме во напредна фаза, иако претходно за него освен најава немаше ништо друго. Знаете дека објектот беше стопиран и со огромни
напори на Министерството за спорт активностите продолжија. Како одговорна локална самоуправа, активно ја следиме состојбата и сите потенцијални потребни инвестиции кои треба да бидат испланирани во
објектот, ќе бидат реализирани, затоа што сепак овој објект кога ќе се стави во функција мора во целост да ги исполнува сите потребни стандарди и да понуди убави услови.

Изведувачот на градежните работи постапува по забелешките на надзорот. Што се однесува до партерното уредување околу базенот тоа ќе се изведува по завршување на изградбата на спортските игралишта, бидејќи пристапот за механизацијата и доставувањето на материјалите кои се за изградба на игралиштата е од страната која поминува крај базенот, односно преку просторот кој партерно треба да се уреди, а потоа и хортикултурно.

Општината ги има завршено нејзините обврски во делот на изведба на водоводен приклучок, канализационен и електрична енергија.

Кога сме тука значајно е да се спомене дека повеќенаменските игралишта во училишниот двор ќе бидат терени за ракомет, кошарка и одбојка со вкупна површина од 1311 м2“, рече градоначалникот на Битола.

Ова е проект финансиран во рамките на вториот владин повик, преку министерството за образование и наука.

Инаку за споредба, во соседен Прилеп, ветувањето за затворен базен е нешто што политичките елити го провлекуваат цели 35 години и се’ уште не е на повидок да се реализира.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.