Прилепската фирма “Изофас” ја асфалтираше „Панде Кајзеро“ во Битола, улицата по 74 години доби нов асфалт

Улицата „Панде Кајзеро“ во Битола денеска доби нов асфалт, со што завршува една долга етапа во која оваа улица, уште од 1952 година, беше покриена со камена коцка и без инфраструктурна интервенција.

Пред асфалтирањето беше извршена целосна реконструкција на мешовитата канализациска мрежа во должина од 360 метри. Канализацијата е реализирана во два крака, со приклучоци кон улиците „Илинденска“ и „7-ми јули“.

Вкупната инвестиција за реконструкција на канализациската мрежа изнесува 3.210.348 денари, обезбедени преку првиот владин повик.

Во текот на градежните активности се појавила и потреба од проектирање и изградба на три потпорни ѕидови, за што се издвоени дополнителни 1.653.198 денари.

По отстранувањето на старата камена коцка, улицата и паркинг-просторот беа асфалтирани во вкупна должина од 388 метри. За оваа инвестиција се издвоени 5.310.060 денари, исто така преку првиот владин повик.

Со овие активности, улицата „Панде Кајзеро“ добива современа инфраструктура, нова коловозна површина и уреден паркинг-простор, по повеќе од седум децении без ваква инфраструктурна интервенција.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.