„ПРИЛЕП ЈУНИОР 2026“ – шаховска битка со меѓународен карактер започна во Прилеп

Во кино-салата „Мис Стон“ при Домот на културата „Марко Цепенков“ вчера започна првото издание на меѓународниот шаховски турнир „ПРИЛЕП ЈУНИОР 2026“, настан кој на едно место собра млади шахисти од Македонија, Србија и Австрија.

На турнирот учествуваат 12 шахисти, од кои 10 момчиња и две девојки. Она што ветува особено интересни партии е фактот што нема изразит фаворит, бидејќи квалитетот на учесниците е исклучително изедначен. Секоја партија носи борба за секој поен, а дополнителен мотив е и фактот што турнирот е регистриран и се рангира преку Светската шаховска федерација – ФИДЕ.

Организатор на „ПРИЛЕП ЈУНИОР 2026“ е Шаховскиот клуб „Прилеп“, еден од најуспешните шаховски клубови во земјава. За силата на клубот зборува и фактот што, заедно со ШК „Алкалоид“, е единствениот клуб во Македонија кој има по две прволигашки екипи во машка и женска конкуренција на претстојното Државно првенство во Струга.

Шаховскиот клуб „Прилеп“ има и посебно значајна страница во својата историја. На Купот на европските шампиони во 2021 година, за прилепскиот клуб настапуваше индискиот велемајстор Домарају Гукеш, денес актуелен светски првак. Гукеш тогаш, играјќи за ШК „Прилеп“, го освои златниот медал како најдобар играч на турнирот.

Од клубот најавуваат дека и годинава постои амбиција повторно да го претставуваат Прилеп на Купот на европски шампиони, кој ќе се одржи во Херцег Нови, Црна Гора. За реализација на оваа цел, како што велат, потребно е обезбедување на минимални финансиски средства.

Првото издание на „ПРИЛЕП ЈУНИОР 2026“ е уште еден чекор кон создавање традиција и популаризација на шахот меѓу младите во Прилеп. Квалитетни партии, борбеност и неизвесност до последниот потег се очекува да го одбележат турнирот, со надеж дека ова меѓународно шаховско дружење од година во година ќе расте и ќе прерасне во препознатлив спортски настан за градот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.