Прилепчани со години чекаат функционална спортска сала, а најновите најави на министерот за спорт Борко Ристовски отвораат нови прашања за судбината на двата спортски објекти.
По најавите дека прилепската Универзална сала ќе биде реконструирана и ставена во функција, сега во фокусот на Министерството за спорт е салата „Македонија“, чија реконструкција треба да се реализира во наредните години.
Министерот за спорт Борко Ристовски претходно најавуваше дека Универзалната сала во Прилеп ќе биде оспособена за користење до почетокот на натпреварувачката сезона, односно во септември или октомври 2024 година. Во мај 2025 година тој информираше дека проектот за реконструкција е готов, но дека претстојат административни процедури и решавање на проблемите поврзани со објектот.
Во ноември 2025 година, Ристовски повторно зборуваше за Универзалната сала, посочувајќи дека Министерството за спорт не е надлежно за објектот, но дека ќе посредува меѓу заинтересирана локална компанија и надлежните институции за да се најде решение за реконструкцијата и стопанисувањето со салата.
Сега, според најновите информации за салата „Македонија“, предвидена е инвестиција од 180 милиони денари со вклучен ДДВ, а средствата се планирани да се реализираат во три фази: два милиона денари во 2026 година, 89 милиони во 2027 и уште 89 милиони денари во 2028 година. Тоа значи дека најголемиот дел од финансиската реализација е планиран за следните две години, а последната фаза е предвидена за 2028 година.
Според проектната документација, салата „Македонија“ треба да добие нов лик и современи услови за одржување спортски натпревари, тренинзи и рекреативни активности. Предвидени се 1.959 седишта за публика, како и реконструкција на електричните инсталации, водоводот, канализацијата и термотехничките системи.
Но, додека за сала „Македонија“ се најавува нова инвестиција со утврдена финансиска рамка, за прилепчани останува отворено прашањето што ќе се случува со Универзалната сала, која со години е надвор од функција.
Прилеп е град со спортска традиција, клубови и млади спортисти на кои им се потребни соодветни услови за тренинг и натпревари. Затоа, најважното прашање не е само која сала ќе се реконструира, туку и кога градот конечно ќе добие функционални спортски објекти.
Дотогаш, наместо најавите, прилепските спортисти ќе ги чекаат конкретните градежни активности и роковите што ќе донесат вистинска промена на терен.

























