Музиката не се учи само преку ноти и техника. Таа се чувствува, се живее и се претвора во начин на изразување. Токму со таква идеја е создадено Gitarino – приватното музичко училиште во Прилеп, каде што најмладите имаат можност да ги развиваат своите таленти, да стекнуваат нови знаења и, пред сè, да ја градат љубовта кон музиката.
Зад оваа приказна стои музичарот Александар Здравков, кој по сопственото долгогодишно искуство во музиката одлучил своето знаење да им го пренесува на новите генерации.
„Од секогаш сум имал желба да работам со млади, талентирани деца на кои ќе можам да им ги пренесувам моите знаења од областа на музиката. Идејата за основање на Gitarino дојде од љубовта кон музиката и шансата да ги пренесувам своите знаења на нови, млади, талентирани музичари“, вели Александар.
Gitarino веќе две години успешно функционира во Прилеп, а училиштето постепено го проширува својот обем и понудата. Она што започнало со неколку ученици денес прераснува во место каде што сè поголем број деца ја откриваат убавината на музиката.
Во Gitarino моментално се изучуваат гитара, пијано, бас-гитара и соло пеење, а дел од наставата се и музичката теорија и солфежот.
Наставата е наменета за деца од 6 години па нагоре, а часовите во моментов се индивидуални. Токму индивидуалниот пристап е една од карактеристиките по кои Gitarino сака да се издвојува.
„Секое дете е различно и на различен начин учи и сфаќа. И секое дете има различни интереси кога е музиката во прашање и тоа е нешто што треба да се почитува. Затоа индивидуалниот пристап е најбитен“, објаснува Александар.
Еден час во Gitarino трае 40 минути и е внимателно структуриран така што учениците постепено ги совладуваат техничките аспекти, но истовремено имаат можност стекнатото знаење веднаш да го применат во практика.
На почетокот од часот најчесто се работат технички вежби, а потоа следува практичниот дел – свирењето песни.
За Александар, токму спојот меѓу теоријата и практиката е особено важен.
„Техниката што се учи мора да се примени во свирење на песни. За нас тоа е најбитно – да има спој меѓу теоријата и праксата, односно најдобро е теоријата да може да се примени“, вели тој.
Но, можеби најголемиот предизвик во работата со најмладите не е самата техника, туку начинот на кој знаењето ќе им биде пренесено.
„Дефинитивно најголемиот предизвик е да го пренесеш знаењето на таков начин да пробуди интерес кај ученикот и тој интерес да му остане и на наредните часови“, вели Александар.
А токму напредокот на децата е она што му носи најголемо задоволство како професор.
„Кога гледам како децата напредуваат и го работат нештото со љубов. За мене како професор, нема поголема радост.“
Кога станува збор за музичкиот талент кај децата, Александар смета дека не постои едноставно правило.
Кај некои деца талентот се забележува веднаш, додека кај други потребно е повеќе време за да дојде до израз. Но, без оглед на талентот, трудот и посветеноста остануваат неопходни.
„Лично сметам дека талентот е основа, но без работа ништо не може да се постигне. Мислам дека двете работи се подеднакво битни.“
Токму затоа во Gitarino се гради однос во кој и ученикот и родителите треба да имаат трпение. Музичките вештини не се стекнуваат преку ноќ, но секој мал чекор напред е важен.
„И најмалиот напредок е напредок, така што горди сме на секој ученик кој направил чекор и напредок, макар и најмал.“
Една од главните идеи на Gitarino е децата да не го доживуваат музичкото образование како уште една обврска, туку како нешто во кое уживаат.
„Пред сè сакам децата да го доживуваат Gitarino не како обврска, туку како место каде што со задоволство доаѓаат да се дружат и да учат музика“, вели Александар.
А покрај техниката, нотите и инструментите, најважното нешто што сака да им го пренесе на своите ученици е – љубовта кон музиката.
„Прво е љубов кон музиката и инструментот. Тоа е за мене најважното нешто. Потоа креативноста, дисциплината и така натаму. Ама секогаш на прво место е љубовта кон музиката.“
Во периодот што следува, плановите се Gitarino да продолжи да расте и да го зголемува бројот на ученици, но и постепено да ја проширува својата понуда.
Од училиштето најавуваат можност за воведување и на нови музички инструменти кои поретко се изучуваат во другите музички училишта.
Во иднина се очекува и можност учениците да добијат прилика јавно да го презентираат своето знаење и напредок преку организирани настапи.
За Александар, неговото лично музичко искуство е дополнителна вредност која сака да им ја пренесе на учениците.
„Јас сметам дека најдоброто школо во животот е искуството во некоја област. Ништо не може да те научи како искуството, така што се трудам покрај техничките работи од музиката да им пренесам на учениците искуство што ќе им помогне многу во нивниот развој.“
Токму тоа е и суштината на Gitarino – не само да се научи како се свири на гитара, пијано или бас-гитара, или како се пее, туку преку музиката децата да развиваат креативност, дисциплина, самодоверба и сопствен начин на изразување.
А пораката на Александар до родителите кои размислуваат дали нивното дете да започне да изучува инструмент е едноставна:
„На секој родител што размислува дали неговото дете да започне со изучување на инструмент би му препорачал да не се двоуми и да го запише своето дете, затоа што музиката е најголема магија и нема поубава работа од тоа детето да научи да се изразува креативно преку музиката и на тој начин да го користи своето време.“
Gitarino ги отвора вратите за сите млади кои сакаат да го запознаат светот на музиката.
„Ве очекуваме заедно да навлеземе во магичниот свет кој се вика Музика.“































