Традицијата и годинава продолжи во населбата “Јенимаале” во Битола, каде се одржува тридневниот фестивал „Весел Петок“, со кој се одбележува празникот Источен Петок – Бајаклија или познат како Градски – Селски Велигден.
Детскиот фолклорен фестивал „Весел Петок“ го организира КУД „Илинден“ и претставува вистинска прослава на традицијата, детската радост и фолклорното богатство.
Фестивалот започна вчера во малото училиште на ОУ „Даме Груев“, а продолжи денеска со дефиле низ Јенимаале и пригодна програма на долното средсело, каде што присутен беше и градоначалникот на Битола Тони Коњановски и претседателот на Советот Бојан Бојкоски.
„Продолжуваме да ја негуваме љубовта кон народната култура и заеднички да создаваме убави спомени“ е пораката од овој фестивал, кој продолжува и утре од 13:00 часот во Офицерскиот дом со настап на културно-уметнички друштва од земјава и странство.
Гостите од фестивалот денеска имаа прием во кабинетот на градоначалникот на Битола.




































