НОВИ ЗАКОНСКИ ПРАВИЛА: 400 евра казна за несоодветно шетање и забрана за чување ако го напуштите кучето

Македонија се подготвува за нови, значително построги правила за сопствениците на домашни миленици. Новиот Предлог-закон за заштита и благосостојба на животните, подготвен од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), предвидува високи парични казни и ригорозни мерки за прекршителите.

Според предлог-решението, сопственикот кој ќе го напушти својот миленик може да се соочи со трајна забрана за чување ново животно. Глобите за физичките лица се значително зголемени.

-Несоодветно чување или шетање куче ќе се казнува со околу 400 евра, додека сурово и нехумано однесување, мачење или усмртување на животни може да достигне казни до 5.000 евра, стои во предложените измени.

Законот предвидува и забрана за постојано врзување кучиња без дневно движење, како и строга контрола на размножувањето – едно женско животно ќе може да има само едно легло годишно.

Се воведува и обврска за пријавување на леглата кај ветеринар, додека продажбата од нерегистрирани одгледувачи ќе биде ограничена. Целта е да се спречи неконтролираната трговија и да се намали бројот на бездомни животни.

Во изработката на законот учествувале АХВ, Ветеринарната комора, Факултетот за ветеринарна медицина, ЗЕЛС и организацијата „Анима Мунди“. Иако од АХВ тврдат дека предлогот е испратен на 9 април, од Министерството за земјоделство велат дека документот сè уште не е доставен до нив за владина процедура.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.