Нова визија на РК Преспа 2025: Ракометот како амбасадор на Ресен и Преспа

Смелите чекори отсекогаш биле дел од спортскиот Ресен, особено од ракометот. Од формирањето на ракометниот спорт во градот па сè до денес, љубителите на спортот, клубските управи, а пред сè играчите, имаат голема улога во развојот и промоцијата на ракометот, но и во афирмацијата на градот Ресен и прекрасното Преспанско Езеро.

Еден од најзначајните моменти на храброст и одлучност во историјата на ресенскиот ракомет беше историскиот настап на РК Јафа Промет – Ресен, клубот кој во сезоната 1997/98 испиша нова страница во македонскиот ракомет, станувајќи првиот македонски клуб што заигра во групната фаза на Лигата на шампионите.

По ерата на РК Јафа Промет, ресенскиот ракомет продолжи да се гради преку една нова генерација деца и млади играчи, кои повторно го донесоа градот до европската сцена. Тоа беше генерација составена исклучиво од играчи од Преспа, деца кои без финансиски примања, туку пред сè водени од љубовта кон ракометот, посветеноста и желбата за успех, успеаја да стигнат до историски настап во европскиот Челинџ куп.

Тие млади ракометари беа производ на школата и традицијата на ресенскиот ракомет. Како пионери, кадети и младинци, освојуваа титули и се искачуваа на врвот на македонскиот младински ракомет, докажувајќи дека и од еден мал град може да се создаваат големи спортски вредности.

Нивната приказна подоцна продолжи и надвор од Ресен. Дел од овие играчи станаа интернационалци, настапуваа во некои од најсилните европски ракометни лиги, а дел од нив ги бранеа и боите на македонската ракометна репрезентација.

Тогаш, како и денес, успехот е заедничка работа на сите чинители – од ракометната управа, спортските работници и играчите, до пошироката општествена заедница во Ресен. Тоа покажува дека преку ракометот може да се направи многу повеќе за спортот, за градот и за неговиот развој.

Денес, ГРК Преспа 2025 прави нов чекор напред, соочувајќи се со новите предизвици што ги носи современиот ракомет. Ракометот денес не е само нов начин на натпреварување, нови стилови на игра и современи спортски стратегии, туку и можност за поголема општествена и спортска одговорност.

Една од задачите и целите на новата управа е во новото време и со новите можности, преку ракометот да отвори нови перспективи за промоција на Преспанското Езеро, кое претставува голема туристичка атракција не само во Македонија, туку и надвор од нејзините граници.

Паралелно со тоа, ваквата спортска промоција може да придонесе и за создавање нови економски можности за градот Ресен, како и за афирмација на препознатливиот ресенски производ – јаболкото. Ресенското јаболко, едно од најпознатите и најквалитетни македонски производи, со години се пласира на различни пазари ширум светот.

Во тек е и подготовката на меѓународна документација за идното визуелно решение на нова ракометна маскота, која ќе има и улога на спортски амбасадор на градот Ресен.

Како клуб, ГРК Преспа 2025 е меѓу првите што реализира ваква иницијатива, со која преку спортското натпреварување и клубскиот идентитет сака да стави дополнителен акцент на промоцијата на ракометот, создавањето нов туристички препознатлив симбол и отворањето можности за позитивен економски импакт врз градот.

Со оваа иницијатива сакаме да дадеме нов придонес кон ракометот, градот Ресен и Преспа, но и кон нашата верна публика и поддржувачи, кои ги очекуваме да бидат со нас на натпреварите, и дома и на гостувањата.

Ракометот во Ресен има традиција. Сега е време таа традиција да добие нова, модерна и препознатлива визија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.