Мицкоски: Очекуваме евроинтеграција врз јасни критериуми и исполнување реформски обврски, а не да биде оптоварена со билатерални прашања!

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Владата имаше средба со еврокомесарката за проширување, Марта Кос. По средбата искажа благодарност до ЕУ за поддршката, која ја добива Македонија во реализација на проектите. „Денешната средба и посета претставува можност за отворен, искрен и суштински разговор за нашата европската перспектива, за реформите што ги спроведуваме и за потребата процесот на проширување да остане доследен на принципите врз кои е изградена Европската Унија – доверба, предвидливост, еднаков третман и почитување на достоинството на секоја држава кандидат.“ – нагласи претседателот на Владата на Република Македонија Мицкоски.

Натаму премиерот истакна: Изминатиот период од две години Владата покажа дека реформите не се декларативна определба, туку конкретна работа што се мери преку резултати, преку институционални промени, преку економски показатели и преку создавање подобри услови за живот на граѓани. Нашата цел е изградба на функционални институции, посилно владеење на правото, поефикасна јавна администрација, конкурентна економија и амбиент што ќе ја зајакне довербата на граѓаните кај инвеститорите. Тоа не го правиме затоа што некој тоа го бара од нас, туку затоа што веруваме дека тоа е единствениот исправен пат за развој на нашата татковина и за создавање стабилни институции кои ќе можат да одговорат на потребите на сегашните и на идните генерации.

Во тој процес ја цениме поддршката што ја добиваме од Европската комисија, како и стручната и финансиската помош што придонесува реформите да се реализираат побрзо и поквалитетно. Истовремено, очекуваме европската интеграција да остане процес кој се темели на јасни критериуми, на вредности и на исполнување на реформските обврски, а не процес кој ќе биде оптоварен со билатерални прашања што создаваат неизвесност кај македонските граѓани, изјави Мицкоски по средбата.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.