Културно богатство оставено на забот на времето: Прилепчани тука чекале во редици, навести и свекрви оделе рака под рака… (Фото)

Додека исчезнува градската бања, се памети дека уникатно било одржувањето на хигиената на граѓаните до 1981 година, кога поради дотраеност се урна дрвената конструкција во главната просторија со шадрван во женскиот дел, а неколку години подоцна падна и машкиот дел.

Инаку, имало ред во капењето со врела вода загреана на дрва. Првин било парење, после триење и на крајот капење со сапун – самовар.

Се практикувало еднаш неделно пред половина век и повеќе, додека градот немал водовод и канализација.

Уште траат пријатните спомени на семејното капење.

Многу народ се слевал кон бањата особено во сабота. Се чекало ред со торбите со облека, ќесе за триење, крпи, канче за потурање и други реквизити за капење.

Градските повозрасни жени ги носеле снаите и младите невести во четврток.

Невестата ја триела свекрвата, старосватицата, нунката. Паѓале резил мајтапи на сметка на невестите, кои се црвенеле.

Бањата беше споменик на културата од 1958 и 1989 година. Се токмеше да се претвори во галерија.

Сопственици биле Илија и Крсте Арсоски и Методија Ристески – Бањарот. Ја купиле со “суво злато” од Турците во 1921 година.

Со Законот за денационализација, државата ја врати на наследниците на старите сопственици кои ја продадоа.

Aктуелната локална власт и градоначалникот Илија Јованоски ветуваа комплетната реставрација на старата турска бања во Градски музеј со галерија, но тоа досега не се случи, а бањата и понатаму се распаѓа.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.