Проектот „Од 0 до КултурА“ продолжува да носи квалитетни културни содржини во Прилеп, а овој пат на сцената ќе се искачи еден од најавтентичните и најкултни македонски алтернативни бендови – „Паркети“ од Битола.
Концертот ќе се одржи во четврток, 30 јули, со почеток во 21:00 часот, на Камената бина во центарот на Прилеп, каде љубителите на добрата музика ќе имаат можност повторно да ги слушнат безвременските хитови на бендот што остави силен белег на македонската алтернативна сцена.
„Ќе направам бал, ќе те поканам тебе… ти нема да дојдеш, а месечината свети…“ – стихови кои и денес ги пеат генерации љубители на македонскиот рок и панк, а токму тие ќе одекнат и во срцето на Прилеп.
„Паркети“ се формирани кон крајот на осумдесеттите години во Битола, во период кога домашната алтернативна сцена почнуваше да го гради својот препознатлив идентитет. Иако се појавија по првиот голем панк-бран, бендот успеа да создаде оригинален музички израз и препознатлив стил кој и денес е лесно препознатлив.
Нивните песни се карактеризираат со необични, духовити и често апстрактни текстови, но и со искрени љубовни теми кои со години останаа омилени кај публиката. Во својата богата дискографија ги имаат албумите „Гриза на совеста“ (1996) и „Газирана хармонија“ (1998), а зад себе оставија десетици песни кои станаа дел од македонската музичка историја.
Публиката ќе има можност да ужива во добро познатите композиции како „Топка“, „Најмногу на целиот свет“, „Мала пролет“, „Барбара“, „На месечината те заборавив“, „Портокалови“, „Оси“, „Муви“, „Едно млеко и едно кафе“, како и многу други песни кои со години имаат култен статус.
Концертот на „Паркети“ е уште една можност прилепската публика да биде дел од проектот „Од 0 до КултурА“, кој преку музика, театар и различни културни настани создава нова енергија и го збогатува културниот живот во градот.
Доколку сте љубител на добрата домашна алтернативна музика, ова е вечер што не треба да ја пропуштите.
























