Овој понеделник, Крушево ќе биде домаќин на еден од најпознатите и најомилените македонски писатели за деца и млади, Горјан Петрески, чии дела со години ги освојуваат срцата на младите читатели.
Настанот ќе понуди уникатна можност за учениците да се запознаат и да се дружат со ликовите од неговите дела – Марта, Споменка, Симеон, Теодора, Ангел и Ана, преку кои се пренесуваат силни пораки за вистинските вредности во животот. Почитта, добрината, доследноста и посветеноста ќе бидат во фокусот на оваа литературна средба, збогатена со емоции, сеќавања на првата љубов, младешкиот копнеж, но и моментите на тага и искреност.
Средбата се реализира во соработка со ООУ „Никола Карев“ Крушево, како дел од активностите насочени кон унапредување на културниот живот во градот и поттикнување на читачките навики кај младите.
Настанот се организира по повод Светскиот ден на литературата за деца и млади, со цел да се истакне значењето на книгата и литературата во развојот на младите генерации и нивното образование.

























