Крушево доби нов Центар за услуги на Министерството за дигитална трансформација, кој има за цел да им овозможи на граѓаните полесен и побрз пристап до електронските услуги, без разлика на нивната возраст, дигиталните вештини или местото на живеење.
Новиот Центар денеска го промовираа министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, и градоначалникот на Општина Крушево, Нико Чонески.
Ова е шеснаесеттиот Центар за услуги што го отвора Министерството, преку кој граѓаните ќе добиваат непосредна поддршка при користење на електронските услуги.
„Дигиталната трансформација мора да биде достапна за секој граѓанин, без разлика на возраста, дигиталните вештини или местото на живеење“, истакна министерот.
Градоначалникот Нико Чонески оцени дека новиот Центар претставува значајна придобивка за жителите на Крушево, бидејќи ќе им овозможи поедноставно, побрзо и поефикасно користење на дигиталните услуги.
Покрај отворањето на Центарот за услуги, во Крушево е пуштена во употреба и бесплатна Wi-Fi зона во Градскиот парк, а промовирана е и новата веб-страница на Општината.
Од локалната самоуправа посочуваат дека со овие проекти Крушево прави нов чекор кон модернизација на јавните услуги и создавање поотворена, поефикасна и дигитално достапна општина за сите граѓани.





























