Претседателот на Шаховскиот клуб „Прилеп“, Тони Кироски, преку објава на социјалните мрежи упати сериозни критики кон Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), обвинувајќи ја за, како што вели, „злонамерни неправди“ кон шаховските клубови и играчи од Прилеп.
Во својот статус, Кироски посочува дека на денешниот натпревар од квалификациите за влез во Втората македонска лига, член на екипата на ЖШК Прилеп бил дисквалификуван поради звук од мобилен телефон, иако, според него, во правилникот на ШФМ немало јасно пропишана санкција за таков случај.
Тој тврди дека прилепскиот шахист бил во „надмоќна позиција“ против член на фаворизираниот ШК Центар, по што, како што наведува, мечот завршил нерешено и на тој начин на прилепската екипа ѝ била одземена победата.
Кироски во објавата потсетува и на претходни случаи, за кои смета дека покажуваат двојни аршини во постапувањето на Федерацијата. Според него, во минатото прилепски шахист бил фатен со телефон во раце за време на партија, но без никаква санкција, иако, како што наведува, според правилата на ФИДЕ за таков прекршок се изрекуваат строги казни.
Дополнително, тој ја критикува и одлуката за тригодишна забрана за настап на друг прилепски шахист, кој, како што наведува, „го изгужвал формуларот за запишување потези“.
„Така е кога нестручни лица ја водат федерацијата“, пишува Кироски во својата објава, изразувајќи незадоволство од работата на раководството на ШФМ.
Засега нема официјален став од Шаховската федерација на Македонија во однос на овие обвинувања.
























