На вчерашната 16-та седница на Советот на општина Кавадарци, директорот на ЈП „Комуналец“, Гоце Ангеловски, пред советниците истакна дека деветмесечниот извештај за работењето на претпријатието претставува „вистински пример за успешно работење“, нагласувајќи дека во изминатите девет месеци претпријатието бележи позитивен финансиски резултат (добивка) од околу 250.000 евра (односно 15.533.674 денари).
Во врска со работењето на јавното претпријатие, градоначалникот Митко Јанчев нагласи дека квалитетот на услугите кои ги дава ЈП „Комуналец“ е на највисоко ниво. Како круцијален момент од оваа точка се издвои фактот што советниците едногласно застанаа против покачувањето на цените на комуналните услуги во Општина Кавадарци, со што градоначалникот Јанчев остана доследен на своето ветување дадено пред околу еден месец да не дозволи корекција и зголемување на цените на водата за пиење и за одведување на отпадни води.
Од друга страна во соседен Прилеп, ЈКП Комуналец бележи милионски (во денари) долгови, а претпријатието постојано добива дотации за реализација на годишната програма од општина Прилеп. Дополнителни субвенции за ЈКП Комуналец ќе има и на денешната седница на Советот на општината, каде покрај оние 84.000.000 денари со предходните ребаланси комуналците добиваат уште 11.000.000 денари за реализација на нивната оперативна програма.
Зошто е тоа така, оставаме да дадете ваше мислење во делот за коментари на социјалните мрежи…
























