Во срцето на Старата прилепска чаршија, една приказна која започнала од искрено пријателство денес прераснува во препознатливо место за грижа за видот, квалитетна услуга и модерен стил. Оптика Theia годинава одбележува пет години постоење. Пет години во кои Наташа и Моника ја градеа својата приказна со една јасна идеја – професионалноста и квалитетот да бидат основата на нивната работа, а задоволството и довербата на клиентите најголемата потврда дека се на вистинскиот пат. Theia денес нуди можност за дијагностика на видот со современа апаратура, изработка на стакла на лице место, но и богат избор на очила и рамки од познати брендови, со кои практичноста и здравјето на очите се надополнуваат со актуелните модни трендови.
По повод петгодишниот јубилеј, разговараме со Наташа Димоска, една од сопственичките на Оптика Theia, за почетоците на нивната приказна, важноста од редовната контрола на видот, современиот начин на живот и влијанието на екраните, но и за тоа што е актуелно кога станува збор за очилата оваа сезона.
Theia годинава одбележува пет години постоење. Како би ја опишале приказната на оптиката од нејзините почетоци до денес и што сметате дека е најголемиот успех во овие пет години?
-Почетокот на оптиката е поврзан со едно искрено пријателство кое прерасна во амбиција да создадеме место каде професионалноста и квалитетот ќе бидат едно. Во овие пет години имавме можност да растеме, да учиме и постојано да го унапредуваме нашиот пристап кон клиентите. Но, ако треба да издвоиме еден најголем успех, тоа дефинитивно е довербата што ја стекнавме кај нашите клиенти. За нас тоа е најголемата потврда дека она што го работиме има вредност.
Кога зборуваме за добар вид, колку е важно навремено да се направи квалитетна дијагностика, дури и кога човек нема забележителни проблеми со видот? Кои знаци најчесто ни покажуваат дека е време за проверка?
-Важно е да не чекаме проблемот со видот да стане сериозен за да направиме проверка. Некои од знаците дека е време за контрола можат да бидат заматен вид, главоболки, замор и печење во очите, како и често триење на очите. Исто така, треба да обрнеме внимание доколку имаме потешкотии при гледање на далечина или доколку забележиме дека сè почесто треба да се приближуваме или оддалечуваме од текстот за да го гледаме појасно.
Во Theia нудите можност за дијагностика со современа апаратура. Што може да се утврди преку еден преглед и зошто е важно граѓаните да не го одложуваат проверувањето на видот?
-Прегледот овозможува прецизна проценка на видната функција и да се утврди дали постои диоптрија, астигматизам или потреба од промена на постојната корекција. Современата апаратура ни овозможува да добиеме многу прецизни информации и да направиме детална проценка на состојбата на очите. Затоа сметаме дека редовната проверка е важен дел од грижата за видот, особено доколку самите забележуваме промени.
Многу луѓе денес поминуваат часови пред компјутери, телефони и други екрани. Како тоа влијае врз очите и кои едноставни навики би им ги препорачале на прилепчани?
-Долготрајното гледање во екрани може да биде поврзано со замор на очите, сувост и заматување на видот. Затоа е важно да правиме редовни паузи, да не поминуваме долги периоди без прекин пред екран и да внимаваме на условите во кои работиме. За оние кои поголем дел од денот го поминуваат пред компјутер, постојат и стакла со различни видови заштитни и антирефлексни премази кои можат да придонесат за поголем визуелен комфор при работа.
Колку често треба да се проверува видот и дали постојат различни препораки за деца, млади и возрасни? Има ли нешто што родителите особено треба да го забележат кај своите деца?
-Потребата од контрола зависи од возраста, здравствената состојба и индивидуалните потреби. Кај децата редовните проверки се особено важни затоа што тие можеби нема да знаат или да кажат дека не гледаат добро. Родителите треба да обрнат внимание доколку детето се приближува премногу до телевизорот или книгата, ги стеснува очите при гледање, често ги трие очите, се жали на главоболки или избегнува читање и активности кои бараат гледање на далечина.
Кај возрасните, контролите исто така треба да бидат редовни, особено доколку постои диоптрија, промена во видот или други фактори на ризик.
Од здравјето на очите да преминеме на модата – кои се актуелните трендови кај очилата за сонце и диоптриски очила оваа сезона?
-Оваа сезона гледаме голема разновидност – од класични и елегантни рамки, до поголеми и похрабри модели. Повторно се многу застапени и ретро моделите, кои носат препознатлив изглед и можат да бидат одличен избор за оние кои сакаат очилата да бидат впечатлив дел од нивниот стил.
Во Вашата понуда има брендови како VOGUE, ARMANI EXCHANGE, POLAR, CARRERA, GUESS и други. Како да ја избереме вистинската рамка – според обликот на лицето, личниот стил или можеби според нешто друго?
-Обликот на лицето е добра почетна насока, но не е единствено правило. Најважно е рамката да биде удобна, правилно да стои и клиентот да се чувствува убаво кога ќе се погледне во огледало. Очите и лицето се различни кај секој човек, па затоа изборот на очила треба да биде индивидуален.
Очилата денес се и моден додаток, но нивната основна функција останува заштитата и подобрувањето на видот. На што треба да внимаваат граѓаните при изборот на очила за сонце?
-Кај очилата за сонце најважно е да не се водиме само според изгледот. Основната функција е заштита на очите од штетното UV-зрачење, па затоа квалитетот на стаклата е од особена важност. Убавата рамка е важна, но очилата пред сè треба да обезбедат соодветна заштита и удобност.
Theia има и можност за изработка на стаклата на лице место. Како изгледа процесот и колку ова им го олеснува процесот на клиентите?
-Голема предност е тоа што стаклата се изработуваат на лице место. Тоа овозможува побрз процес и поголема контрола во самата изработка. За клиентите тоа значи поголема практичност и пократко време од изборот на очилата до нивната изработка.
За крај, што би им порачале на прилепчани кои можеби долго време одложуваат преглед на видот, но и на оние кои сакаат да го освежат својот изглед со нови очила? Зошто токму Theia да биде нивниот избор и по пет години постоење?
-На прилепчани би им препорачале да имаат предвид дека видот е нешто што го користиме секој ден, а не знаеме доволно да го цениме. Една навремена проверка може да ни покаже дека е потребна мала корекција која значително ќе ни го олесни секојдневието.
За нас, пет години Theia се пет години посветеност, учење и градење доверба со клиентите. Сакаме и понатаму да бидеме место каде што луѓето ќе добијат професионална услуга, добар совет и избор кој одговара на нивните потреби, но и на нивниот личен стил.
































