По неколкугодишна пауза, се појави иницијатива за обновување на фудбалскиот клуб ФК Варош од Прилеп, кој не функционира од 2017 година. Станува збор за клуб со богата традиција и значајно место во спортскиот живот на населбата Варош, но и пошироко во градот.
Иницијативата беше споделена преку социјалните мрежи, каде се упати јавен повик до сите заинтересирани да се вклучат во процесот на обновување:
„Да го обновиме ФК Варош – Прилеп!
Со голема љубов кон спортот и нашата населба, сакаме повторно да го вратиме животот во ФК Варош – Прилеп. Клубот има традиција, историја и место во срцата на многу генерации, а сега е време повторно да заживее.
Ги повикуваме сите поединци, спортски ентузијасти, поранешни играчи, љубители на фудбалот и сите добронамерни луѓе кои сакаат да помогнат во обновата на клубот и подобрувањето на фудбалското игралиште да ни се придружат.
Секоја помош е добредојдена – со идеи, физичка работа, донации или поддршка од каков било вид. Заедно можеме повторно да создадеме место каде младите ќе спортуваат, ќе се дружат и ќе растат во вистински спортски дух.
Да го вратиме Варош таму каде што припаѓа – на фудбалскиот терен! Секој што е заинтересиран околу обновата на ФК Варош дали материјално или финансиски нека напише во коментар ќе биде приватно контактиран“
Целта на иницијативата е не само повторно активирање на клубот, туку и унапредување на условите за спорт во населбата, особено за младите генерации кои би добиле нов простор за развој и дружење.
По објавата на социјалните мрежи, следуваше вистинска лавина од коментари со поддршка, што јасно покажува дека интересот и желбата за враќање на ФК Варош се големи и реални.
























